Тројката може да ја одложи посетата на Атина

Тројката меѓународни кредитори, Европска унија, Европската централна банка и ММФ, врши притисок врз Атина, давајќи и дознаење дека не гледа причина, нејзините претставници да се вратат следната недела во земјата, за да ги продолжат консултациите со Владата за следната транша од надворешната финансиска помош, ако грчката страна не ги исполни договорените барања, за да добие една милијарда евра помош, пишува весникот „Нафтемборики“.

Првично беше најавено дека Тројката ќе се врати во понеделник, за да ги продолжи преговорите со Атина, но грчки владини извори вчера изјавија дека не е сигурно точно кога ќе дојдат кредиторите. Аргументот за тоа бил поврзан со дебатите во Парламентот по доставениот  буџет за следната година.

Европски извор потврдил дека не гледа причина Тројката повторно да дојде во Атина, откако владината коалиција не ги исполнила барањата на доверителите. Критично е и прашањето за буџетскиот дефицит на Грција во 2014 година, бидејќи  Тројката тврди дека дупката во буџетот ќе биде поголема отколку што очекува Атина. Доверителите сакаат реална рамка на договор со Владата, за да се вратат, посочува весникот.

Весниците го цитираат и еврокомесарот за внатрешен пазар и услуги Мишел Барние, кој во Атина изјавил дека значаен дел од европскиот банкарски сојуз ќе биде завршен за време на грчкото претседателство со ЕУ.

„Грција се движи во правилна насока“, рекол Барние, истакнувајќи дека земјата се наоѓа во централен момент и дека претседателството со ЕУ, што Грција го презема за шест месеци од почетокот на следната година, ќе биде значајно не само за неа, туку и за Унијата.