Анализи

Осум години по крахот на економијата Тројката решава дали Грција е подготвена за економска независност

Тројката решава дали Грција е подготвена за економска независност

Таканаречената „Тројка“, која го надгледува спроведувањето на програмите за помош на државите на ЕУ погодени од економската криза денеска ќе оценува дали Грција е подготвена за финансиска независност, и ако е така, под кои услови.

Претставници на Тројката, која ја сочинуваат меѓународните доверители- Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд, осум години по падот на грчката економија во Брисел ќе се сретнат со претставници на грчката влада за да процени дали економски најпроблематичната земја во Европа конечно е подготвен за финансиска независност.

Она што очекуваме од договорот е постигнувањето на условите кои би и овозможиле на Грција повторно да стане економски независна држава, како и сите други членки на ЕУ, рече повереникот на ЕК, Пјер Московици.

Во екот на новата евроскептична италијанска влада, американските царини, Брегзит и мигрантската криза, Брисел сака да го претстави случајот на Грција како успешно завршена приказна која својот среќен крај и го должи токму на Европската унија.

Очекуваме Грција да биде подготвена самостојно да влезе на финансискиот пазар од август. Состаноците што сега се спроведуваат меѓу „тројката“ и грчката влада, од тогаш ќе се водат меѓу грчката влада и претставниците на пазарот, што е голем напредок, изјави претставникот на Европската централна банка, Беноа Куре.

На денешната средба ќе бидат договорени условите под кои на Грција ќе и биде исплатена последната рата од 1,6 милијарди евра финансиска помош, која ММФ одби да ја распредели пред исполнувањето на основните услови за економска одржливост. Исто така, на денешниот состанок ќе се дефинира процесот на надзор на идното јавно задолжување.

Има само неколку земји во светот кои се сретнаа со економска криза што би била споредлива со таа во Грција. Од 2010 година, државата мораше економски да се спасува три пати, а во нејзиниот спас се инвестирани повеќе од 320 милијарди евра. Иако од тогаш несомнено напредувала,со јавен долг од 180 отсто од БДП Грција сé уште е земја со далеку најголем јавен долг во еврозоната.

Грчкиот долг стана преголем за да како таков преживее, но и премногу голем за пак да се спасува, изјави финансискиот советник во Атина, Јенс Бастиан.

Со оглед на тоа што кредиторите сакаат да постигнат договор до денеска, грчката влада сака што поскоро да ги ублажи строгите прописи што ги спроведуваше во екот на штедењето.Грчкиот премиер Алексеј Ципрас, кој дојде на власт застапувајќи ги строгите мерки за штедење, сака да го искористи историскиот момент и да биде оној кој ќе извади Грција од кризата.

И покрај фактот дека од Брисел се спремни да признаат дека Грција постигна значителен напредок во последниве години, ескалацијата на нови проблеми во регионот, како што е мигрантската криза, недоволно ја зајакнале нејзината економија да биде имуни на можни превирања.

Европската комисија проценува дека грчкиот БДП расте со стапка од 1,9 отсто, што се проценува дека е задоволително. Рекордна стапка на невработеност, која во деновите на кризата изнесуваше 28 отсто, во последниве години се намали на 20 отсто, иако се уште е една од најголемите стапки на невработеност во Европската унија. Како најголем предизвик за економска независност европските експерти велат дека е голем одлив на мозок, ниските плати и лошите договори за работа.

Според проценките на ММФ, на Грција ќе и требаат 12 милијарди евра за исплаќање на долгот до 2052 година. Меѓутоа, ако се постигне договор со доверителите, постои веројатност дека ќе се испазарат поповолни,т.е. подолги рокови за плаќање.