Македонија

Трошоците на живот и цените на мало пониски од лани

Трошоците на живот и цените на мало пониски од лани

Трошоците на живот во март бележат намалување во споредба со март лани, а зголемување во однос на претходниот месец. Цените на мало, исто така, бележат намалување во однос на март лани, а зголемување во однос на февруари годинава, пренесува МИА.

Според објавените податоци на Државниот завод за статистика трошоците на живот се намалени 0,3 отсто, а цените на мало за 0,8 проценти. Во март во однос на февруари годинава трошоците на живот се зголемени за 0,5 проценти, а цените на мало за 0,9 отсто.

Порастот на индексот на трошоците на животот од 0,5 отсто во март 2015 година, во споредба со претходниот месец, е резултат на повисоките индекси на свежото овошје за 5,9 проценти, свежиот зеленчук за 2,9 отсто, свежото млеко за 1,3 отсто, тестенините, конзервираните месни производи, киселото млеко и шеќер, џем, мед, чоколада и кондиторски производи за 0,7 отсто и алкохолните пијалаци за 0,3 проценти.

Пораст на трошоците на животот е забележан и кај течните горива за домаќинствата за 13 отсто, гасот за домаќинствата и течните горива и мазива за 9,6 отсто, лековите за 6,5 отсто, информатичката опрема за
2,3 отсто, други услуги неспомнати на друго место за 1 отсто, услугите за одржување и поправки на станот и средствата за чистење и одржување на станот за 0,8 отсто и накитот и часовниците за 0,6 отсто.

Намалување на индексот на трошоците на животот во март 2015 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај другите неспомнати прехранбени производи за 2,2 отсто, конзервираната риба за 1,5 отсто, месото и замрзнатиот зеленчук за 0,6 отсто, рибата за 0,4 отсто, преработките од млеко и сувото овошје за 0,2 отсто.

Во март, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај болничките услуги за 5,2 отсто, материјалите за одржување и поправки на станот за 3,7 отсто, телефонските и телеграфските апарати и услуги за 3,5 отсто, сообраќајните средства и пакет-туристичките аранжмани за 1,3 отсто, услугите за култура за 1 отсто, обувките за 0,8 отсто и останатите стоки и услуги за лична употреба за 0,2 отсто.