Македонија,Економија

Трошоците за живот пониски, цените на мало помали за 1,2 отсто

Трошоците за живот пониски, цените на мало помали за 1,2 отсто

Трошоците за живот во март оваа година, во однос на претходниот месец, бележат намалување за 0,3 отсто, додека кај цените на мало има пад од 1,2 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Намалувањето на трошоците на животот е резултат на пониските индекси на мастите за 5,4 отсто, други прехранбени производи за 1,1 отсто, месото за 0,9 отсто, преработките од риба за 0,8 отсто, конзервираните месни производи и свежиот зеленчук за 0,6 отсто, шеќер, џем, мед, чоколада и кондиторски производи за 0,3 отсто и сувото овошје за 0,2 отсто.

Во март, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај гасот за домаќинствата за шест отсто, авионскиот превоз на патници за 3,6 отсто, услугите за сместување за 2,7 отсто, средствата за чистење и одржување на станот за 1,9 отсто, течните горива за домаќинствата и телефонските и факс апарати и услуги за 1,8 отсто, обувките за еден отсто, фармацевтските производи за 0,7 отсто и течните горива и мазива за 0,3 отсто.

Пораст на индексот на трошоците на животот во март оваа година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежото овошје за 3,4 отсто, преработките од зеленчук за 1,8 отсто и замрзнатиот зеленчук за еден отсто.

Исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај пакет-туристичките аранжмани за 3,3 отсто, стаклените садови, кујнскиот прибор и друга опрема за домаќинствата за 1,3 отсто, други средства за рекреација, цвеќиња, миленици за 0,6 отсто, малите електрични апарати за домаќинствата за 0,5 отсто, цврстите горива за 0,3 отсто, материјалите за одржување и поправки на станот и големите електрични апарати за домаќинствата за 0,2 отсто.

Индексот на трошоците на животот во март оваа година, во споредба со март 2013 година, бележи пораст од 0,2 отсто, а индексот на цените на мало бележи намалување од 0,7 отсто