Трпески: Незаконски поставен нов директор на ЈП „Јасен“

СДСМ и премиерот Зоран Заев ги урнисаа институциите до темел, а уште еден од низата скандалозни примери е незаконското разрешување и поставување на директор на Јавното претпријатије „Јасен”, каде за директор е поставено лице без никакво искуство и компетенции, лице кое претходно има работено во детско одмаралиште, истакна на денешната прес-конференција Славче Трпески, член на Извршиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

„Спротивно на закон и деловник на работа на Управниот одбор, на 04.08.2017 година, Адвокатското друштво на кумот на Рашковски – Костиќ, по овластување на Генералниот Секретаријат на влада, Рашковски испраќа допис, заведен под архивски број 03-1422/1 до Јавното Претпријатије „Јасен”, каде бара да се одржи конститутивна седница на Управниот одбор за 05.08.2017, сабота, иако конститутивната седница на Управниот Одбор е веќе одржана на ден 18.07.2017 година. Прашуваме за кој Управен одбор се однесува барањето за свикување на конститутивна седница? За овој кој се конституирал на 18.07.2017 година или можеби владата има назначено друг Управен одбор како што беше случајот со Агенцијата за Катастар каде владата назначи дури три различни управни Одбори?“, праша Трпески.

Додаде дека за да скандалот биде уште поголем со документот заведен под архивски број 02-1432/1 од 07.08.2017 година, спротивно на деловникот и статутот на ЈП „Јасен“, одржана е „втора“ – конститутивна или не се знае каква седница на Управниот одбор, каде без записничар, без присуство на актуелниот директор или други вработени од претпријатието, со тројца присутни членови се дошло до заклучок да му престане мандатот на в.д. директорот Оливер Андонов, а се предлага за нов директор да биде извесен Јетон Селими.

„Незаконското работење на Управниот одбор не застанува тука. На 11.08.2017 година, се одржува трета седница на Управниот одбор, на која бил поканет и присуствувал в.д. директорот Оливер Андонов, и на која седница донесена е Одлука за разрешување на в.д. директорот Оливер Андонов, заведена под архивски број 02-1481/1, од 11.08.2017 година. А, во ист ден се донесува одлука за именување на нов в.д. директор заведена под архивски број 02-1481/2 од 11.08.2017 година каде се именува Јетон Селими“, рече членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Како што нагласи Трпески, и двете одлуки се спротивни на член 8а од Изборниот законик, кој изричито забранува да се разрешуваат и именуваат функционери после распишувањето на локалните избори, да потсетиме тоа беше 6-ти август.

„Потврда дека одлуката за разрешување и именување на директор во ЈП „Јасен“ е донесена и спроведена на 11.08.2017 година е и записникот за примопредавање меѓу двата директори, заведен под архивски број 03-1482/1 од 11.08.2017 година. За да преседанот биде уште поголем и за да ги покријат своите криминални дејанија претседателот на Управен Одбор или некој друг донесува одлука, заведена под архивски број 02-1511/1, внимавајте од 22.08.2017 година, каде се прави исправка на одлуките за разрешување и именување на в.д. директорот, па така со оваа одлука од 22.08.2017 година се менува датумот за разрешувањето и именување па така од 11.08.2017 се преправа да биде 05.08.2017 година. За скандалот да биде уште поголем, оваа одлука во која што стои дека е потпишано од лицето Марјан Даскаловски, видно е кога ќе се споредат со преостанатите документи што ги има потпишано ова лице е тоа дека и имаме различен и несоодветен потпис, посочува Трпески.

Запраша чиј е потпосот кој стои на докуметот, кој ја донел оваа одлука и дали некој во Јавното претпријатие „Јасен“ врши фалсификати?

Кој е сега овластен потписник во ЈП „Јасен”? Кој ги потпишува актите на Управниот Одбор, а кој актите за тековно работење на претпријатието? Кој е финансиски потписник во претпријатието? И кој воопшто раководи со оваа значајна институција? ВМРО-ДПМНЕ смета дека е најдобро незаконски именуваните и поставени директори во најкраток можен рок да си поднесат оставка, како што досега тоа го направија двајца. Ароганцијата и насилничкиот и незаконски начин на владеење на СДС граѓаните го препознаа, и конечниот суд ќе им го кажат на 15-ти октомври на локалните избори, каде ќе бидат жестоко казнети, нагласува Трпески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.