Трпески: Расипничкото и неодговорното работење на Жерновски се покажа на виделина

Грдоначалникот Андреј Жерновски и СДСМ во овие четири години откако се на власт во општина Центар потрошија околу 100 милиони евра, а граѓаните не видоа сериозни проекти сработени за ова време. Расипничкото и неодговорното работење на Жерновски се покажа на виделина, изјави денес Сашо Трпески, советник во Општина Центар од ВМРО-ДПМНЕ.

„Жерновски е типичен пример како не треба да изгледа еден градоначалник. Граѓаните освен тоа што не видоа сериозни проекти, сведоци се и на намаленото ниво на хигиена во општината за разлика од пред четири години, вели советникот од ВМРО-ДПМНЕ.

Трпески вели дека сакаат да ги потсетиме жителите на оваа општина дека пред околу 4,5 години, пред да стапи на функција градоначалник на општина Центар, Андреј Жерновски, во својата програма за работа напиша дека „„Неопходно е организирано, систематско и континуирано општинско интервенирање заради подигање на квалитетот на комуналните услуги на едно пристојно ниво, соодветно на потребите и имиџот на општина Центар“.

Сега, по четири години од ова негово ветување, рече Трпески, сакаме да ги прашаме граѓаните: Дали е подигнат квалитетот на комуналните услуги во општина Центар од страна на градоначалникот Андреј Жерновски? Дали е подобрен имиџот на општината во однос на хигиената и комуналните услуги?

„Многу граѓани изразуваат негодување од тоа што за разлика од пред 4 години, сега општина Центар е многу понечиста на местата каде општината треба да се грижи. Доказ за тоа е и оваа локација, Зелено пазарче, каде може лично да ја видиме состојбата на дело. Исто така, пред една година градоначалникот јавно го истакна следното: ‘Општината се обврзува дека ниту еден дел од Центар нема да им избега на водата и четките од машините, тоа значи чист Центар дење и ноќе, на цела територија, 365 дена во годината’. Јавно од ова место го информираме градоначалникот: Господине градоначалник Жерновски, ова место Ви избега од водата и четките од машините. И не само ова место. За жал, во Центар има многу вакви места. Центар е многу повалкана општина откако вие дојдовте на власт. Пред избори многу се ветува, а кога ќе се добие довербата, некој квалитетно заборава на ветувањата’, вели советникот од Општина Центар.

Трпески додаде дека граѓаните знаат да ги препознаат ваквите лажни ветувања и штетни политики на Жерновски и СДСМ.

„Жерновски ќе остане запаметен како најнеуспешниот градоначалник. Поради ваквото неработење и неодговорност кон граѓаните ќе има казна. Центарци нема повеќе да дозволат да бидат излажани. Затоа на 15-ти октомври Центарци ќе кажат НЕ на Жерновски, на СДС и на нивните штетни политики“ истакна, Трпески.