Трпески: Скратени трошоци и време за услуги со електронскиот Катастар

Од примените над милион предмети  во Агенцијата за катастар на недвижности од почетокот на годинава досега преку електронскиот шалтер на оваа институција се примени 44 проценти од предметите, пишува МИА.

– Тоа значи дека над 440.000 предмети се добиени  по електронски пат, односно половина од вкупниот број граѓани немале потреба да доаѓаат во катастарот односно работата ја завршиле во општината, кај нотарот или приватна геодетска фирма, изјави денеска директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески во тек на заедничките отворени денови со Управата за имотно-правни работи во Општина Гази Баба.

Според Трпески, Гази Баба е една од општините која го користи најмногу електронскиот шалтер. Досега преку електронскиот шалтер на ова општина се издадени 4.254  имотни листови, а од таму Катастарот  примил над 307 пријави за запишување промени  во катастарот на недвижности.

– Граѓаните на ова подрачје наместо да патуваат до Катастарот  своите услуги ги добиваат тука, во  Општина Гази Баба. На тој начин се скратува не само времето туку и трошоците. Имотниот лист во 2005 година чинеше околу  350 денари, а сега електронскиот имотен лист чини  150 денари, рече Трпески.

Благодарение на електронскиот катастар, додаде Трпески, драстично е намалено  времето за решавање на предметите. Ако во 2005 година просечното  време за запишување  купопродажба  на стан беше повеќе од 90 дена сега тоа е сведено на само  шест часа, а исто толку и за запишување хипотека.

Електронскиот шалтер на Катастарот моментно го користат над 700 професионални корисници, а во тек се обуки и на преостанатите државни  органи  и служби со пренесени јавни овластувања.

– Во тек на летото и есенва се променија повеќе од 20 закони со цел  целокупната работа што ја имаат сите органи и служби со катастарот  да ја прават по електронски пат, рече Трпески.

Со промени во  повеќе закони драстично е намалена и постапката, времетраењето и трошоците за издавање одобренија за градење. Со законските измени чија цел беше подобрување на условите за работа во градежништвото, се укинаа одобренијата за локациски услови, за двоен надзор, се укина плаќањето надомест при трансформација на земјоделско земјиште во градежно, се допрецизира постапката за пренамена на земјоделско земјиште во градежно, при што се овозможи поголема либерализација, драстично се зголеми одговорноста на службените лица, а се продолжи и важноста на одобрението за градење на две години.

Во 2013 година беше реализиран и пилот проектот: „Едношалтерски систем за издавање дозволи за градба“ во рамки на Министерството за транспорт и врски. Електронскиот систем за издавање градежни дозволи е целосно функционален, граѓаните и правните субјекти кои се заинтересирани да добијат градежна дозвола барањето може да го доставуваат и по електронски пат. Барањето се поднесува во електронска форма, преку јавен веб портал потпишано со валиден дигитален сертификат издаден од овластен издавач при што целокупната документација која е потребно да се достави со барањето се доставува во електронска форма, скенирана или дигитално потпишана.

Покрај во Гази Баба тимовите на Катастарот и на Агенцијата за имотно-правни работи  од среда до петок ќе бидат и во Драчево, каде, како што информира Трпески, меѓу другото ќе ги објаснат новите скратени постапки за уредување меѓи и останатите новини од областа на недвижностите и имотно-прваните работи.

Трпески повторно апелира да се поднесат барања за легализација на инфраструктурни  објекти и за доставување геодетски елаборати за легализација на дивоградби за што рокот истекува на крајот на годинава. Од 360.000 поднесени барања за легализација на дивоградби до минатата недела се легализирани 135.000 објекти, а геодетските фирми изготвиле над 200.000 елаборати