Македонија,Економија

Труска компанија заинтересирана за гасификацијата на Скопје

Труска компанија заинтересирана за гасификацијата на Скопје

Претставници на турската компанија „Игдаш“, која е дистрибутер на природен гас во Истанбул, како што дознава „Дневник“, веќе биле во Македонија и се интересирале за јавниот повик на Владата за избор на компанија која ќе го гасифицира главниот град.

Договорот за јавно-приватно партнерство, кој ќе биде склучен со компанија која ќе даде најдобра понуда, вклучува нејзина обврска за финансирање, проектирање, изградба, управување, одржување и развивање на дистрибутивниот систем за пренос на природен гас во скопскиот регион, во кој влегуваат сите градски и приградски општини.

Турската компанија која има долгогодишно искуство и која со природен гас го снабдува милионскиот Истанбул, веќе им е позната на надлежните во земјава бидејќи во 2010 година во нејзина организација во Скопје бил организиран симпозиум посветен на дистрибуција на природен гас.

На симпозиумот учествувале високи претставници од секторот за природен гас и енергија од Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Kосово, Србија, Црна Гора, Романија, Бугарија , Хрватска, Молдавија и од Словенија. Тогаш, меѓу другото, се зборувало за стратегиите во енергетскиот сектор, особено во оној за природен гас и за можностите за инвестирање на Балканот и особено во Македонија. Kомпанијата, како што е наведено на нејзината страница, направила и прелиминарна физибилити-студија за изградба на инфраструктура за природен гас во Скопје, а за таа цел биле водени разговори со групацијата за обезбедување техничка поддршка „Арсис“.

Меѓутоа, се очекува дека турската компанија нема да биде единствена која е заинтересирана за гасификација на Скопје бидејќи разговори се водат и со компании од Швајцарија, Словенија и од Италија од која деновиве претставници на четириесетина фирми беа на конференција во организација на италијанската амбасада на која се разговараше за можностите за инвестирање во Македонија во инфраструктурата, особено во енергетскиот сектор.

Домашните компании, пак, сериозно размислуваат да направат конзорциум, кој на странската компанија која ќе биде избрана ќе и’ понуди партнерство во техничкиот дел, но и во финансискиот со што ризикот за странската компанија би бил помал.

Јавниот повик на Владата трае до 27 мај, а се очекува најдоцна до септември да биде избрана компанијата која ќе ја гради гасификациската мрежа во Скопје и која потоа ќе биде дистрибутер на природен гас.

Идниот партнер ќе има задача да ја изгради примарната и секундарната дистрибутивна мрежа на природен гас, да инвестира во поставување приклучоци и опрема за мерење и регулација до сите крајни потрошувачи, да врши дистрибуција на природен гас, да управува со системот, да се грижи за негово одржување и да инвестира во адаптација, односно набавка на опрема за производство на топлинска енергија кај постојните објекти. Се проценува дека оваа инвестиција ќе чини околу 100 милиони евра.

Времетраењето на договорот за јавно-приватно партнерство ќе изнесува 20 години, а по овој период мрежата ќе премине во сопственост на државата.

Идниот концесионер во првите пет години ќе треба да изгради 175 километри мрежа и тоа по 51 отсто во градските општини и 20 отсто во приградските. Се проценува дека во 2016 година првите корисници ќе добијат природен гас.

Надоместокот што ќе го плаќа секој што ќе сака да се приклучи на системот за гас ќе изнесува 1,25 евро за квадратен метар станбена, односно корисна површина кај комерцијалните објекти. Со гасификација на скопскиот регион годишно ќе се супституира електрична енергија еднаква на годишното производство на РЕK „Осломеј“.