„Труст“ нов предмет на Специјалното јавно обвинителство

Специјалното јавно обвинителство денеска објави нова финансиска истрага под името „Труст“ која се однесува на добивање тендер за ископ на јаловина и јаглен во Суводол, а во која се сомничат три физички и три правни лица.

Како што образложи специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи истражната постапка покажува дека еден конзорциум со фалсификувана документација добил тендер и потоа анекс на договорот при што заработил 17.235.772 евра.

Опфатени се управителите на Трансмет, Силекс неметали и Вато Доо Студеничани, кои за учество на тендер објавен на 7 октомври 2011 година, како што рече Фетаи, доставиле невистинита документација за сопственост на механизација.

– Постои основано сомние дека заради изигрување на постапката за доделување договор кон пријавата за учество во првата фаза од тендерот доставиле невистинита документација за сопственост на механизација, рече обвинителката Фетаи.

На денешната прес-конференција специјалната јавна обвинителка Катица Јанева информираше дека е проширена истрагата за предметот „Титаник“ за 17 лица и за повеќе кривични дела. Образложи дека тоа се должи на тоа што по преслушување на аудио фајловите е утврдено дека има повеќе лица кои се инволвирани во овие кривични дела.

Специјалното јавно обвинителство досега покрена истраги за случаите „Тортура“, „Титаник“, „Транспортер“, „ТНТ“, „Тврдина“, „Трезор“ „Топлик“, „Тендери“ и „Таргет“.