Цената на акциите на Фершпед се вивна до плафон, ќе има ли ново раководство?

Цената на акциите на компанијата Фершпед денеска изнесува фантастични 76 илјади денари што е за шест илјади денари поскапa од вчера. Според познавачите на состојбите на пазарот на македонска берза, ова е уште еден доказ дека нашиот пазар не реагира логично или пак реагира спротивно од очекуваното, по повод некоја сензитивна информација поврзана со рабоатата на компанијата.

Откако, потпретседателот на Надзорниот одбор и долгогодишен втор човек на Фершпед, Кираца Трајковска јавно објави војна против „нестручното и незаконско работење на одредени членови на УО и на НО,“ цената на акциите, наместо да падне, неочекувано се искачи на 76 илјади денари.

„Нема логика во нашата берза. Во оваа работа со акционерските друштва, се е возможно. Иако има правила на берзанска игра, кај нас паќ ќе кажам, се е можно.Тоа е така, бидејќи нема вистински акционерски фирми и внатрешната акционерска структура не е завршена како што треба. Дали е оправдан овој раст на цената на акциите, ќе покаже времето,“ изјави брокерот Кирил Митровски.

Вчера, само еден ден по соопштението на Трајковска до јавноста и акционерите, цената на акциите изнесуваше 70.347,42 денари, што е за околу четири илјади поскапа од цената на акцијата во петокот кога изнесуваше 66.111 денари. Ако, пак сакаме да споредиме од петокот до денеска, цената е зголемена за цели 10 илјади денари.

Пред неколку недели берзата официјално бараше од Фершпед да одговорат што се случува со вредноста на акциите, а оттаму одговорија дека немаат никаков податок. Но, од Македонска берза велат дека имаат солидна комуникација со оваа компанија и ја следат состојбата што се случува таму.

„Се следи случајот со Фершпед и дали ќе има некакви мерки дополнително ќе се утврди. Не би навлегувала во анализата на цената, се зависи во одредени ситуации за каква количина се работи дали има одреден притисок од понудата и од побарувачката,“ изјави Евита Иванова, втор извршен директор на Македонска берза.

Дали овие нелогично зголемени тргувања со акциите укажуваат на тоа дека во компанијата нешто се случува? Неофицијално, во бизнис круговите се шпекулира дека во Фершпед се подготвува ново раководство.