Тунева: Дел од содржината на колумната на Грчев упатува на елементи на говор на омраза и повици на насилство

Извршниот директор на Совет за етика во медиумите на Македонија Марина Тунева во врска со последната колумна на Мирослав Грчев насловена како “Со оган на Владата и на Советот на Град Скопје!” смета дека дел од содржината упатува на елементи на говор на омраза, пишува „Курир“.

Во кусиот одговор на прашањата од порталот, Тунева вели дека Советот за етика го осудува секој говор на омраза во медиуми.

Во мое лично име, би сакала да потенцирам дека посочената содржина упатува на елементи на говор на омраза и повици на насилство, вели Тунева.

За потсетување најновата колумна Грчев ја завршува со коментар, цитираме: “ако ги запалиме бараките на Град Скопје и зградата на Владата – симболично одговорните топоси за ова злосторничко уништување на нашите животи, интегритет и достоинство – и ги „обработиме“ со градежна механизација, со булдожери и багери, Спомениците на Злото од „Скопје 2014“, е тогаш бидете сигурни дека тие скотови ќе ја сфатат пораката!”

Дополнително во истата има и голем број на навреди како „кретени и криминалци“, „мафијашко-партиска држава со фашистичко идеолошко ударение“, „арамии, лопови и ништожници“, „девијантните криминални умови“.

Реакција за говорот на омраза и повиците за насилство од страна на Грчев, стигна и од Македонската асоцијација на новинари. Оттаму велат дека „за жал станавме навикнати на вакви и слични повици на насилство и говор на омраза од страна на истакнати претставници на политичката опција на која и припаѓа господинот Грчев“.

Од МАН додаваат дека ваквите повици придонеле до поголем број напади врз медиуми и новинари, што Асоцијацијата го смета за апсолутно неприфатливо.