Тунтев: СДСМ очекува убедлива победа на локалните избори

По промената на локалните власти целосно ќе запре партизацијата и заробеноста на инстутициите на општинско ниво, рече во неделата на прес-конференцијата во Собранието Томислав Тунтев, координатор на пратеничката група на СДСМ поздравувајќи го распишувањето на локалните избори и притоа рече дека очекува убедлива победа на нивните кандидати за градоначалници и листи за советници.

„Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е подготвен за локалните избори што по промената на централната власт, ќе донесат промени и на локално ниво. Поддршката што граѓаните ја даваат на СДСМ и проектите што носат живот за сите, секојдневно расте. Тоа е видливо и од нашите секојдневни средби со граѓаните и од општата атмосфера на слобода што владее во изминатите два месеца.Со победата на СДСМ на претстојните локални избори, започнатиот процес на реформи и ослободување ќе продолжи и на локално ниво“, рече Тунтев.

По промената на локалните власти, додаде Тунтев, целосно ќе запре партизацијата и заробеноста на инстутициите на општинско ниво, што денес во голем број биле заробени и партизирани од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

„Граѓанската опција предводена од СДСМ носи нови вредности и нови придобивки. Општините ќе работат за граѓаните и олеснување на нивниот живот. Граѓаните во центарот на вниманието и решавање на нивните проблеми и на локално ниво ќе биде реалност. Повикуваме сите учесници во изборниот процес да се однесуваат одговорно и со нивното дејствување да придонесат во одржувањето фер и демократски избори. Очекуваме дека надлежните институции за организација на изборите ќе бидат подготвени ефикасно и професионално ќе одговорат на предизвикот за организирање на фер, слободни и демократски избори што во целост ќе ја рефлектираат волјата на гласачите“, рече Тунтев.