Тур-операторот „Томас кук“ влегува во Македонија

Тур-операторот „Томас кук“ влегува во Македонија, фото: МИА
Тур-операторот „Томас кук“ влегува во Македонија, фото: МИА

Тур-операторот „Томас кук“ влегува во Македонија.  Групацијата „Томас кук“, која од идната година официјално ќе почне да работи и со Македонија, е еден од најголемите и најстари тур-оператори во Европа.

„Томас кук“ постои од 1841 година, опслужува над 22 милиона клиенти, а вкупната продажба на нејзините аранжамни е преку девет милијарди фунти.

Догодина чартер летови Белгија – Охрид

Тур-операторот „Томас кук“ ќе организира чартер летови Белгија – Охрид и сместувања во Охрид. За ова денес информираа вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Кристијан Џамбазовски.

Како што беше посочено, договорите со 16 наши хотелиери се веќе потпишани и од наредната недела ќе бидат достапни на интернет страницата на „Томас кук“ за резервирање.

Деталите околу летовите и аранжманите ќе бидат подоцна дефинирани, но извесно е, како што истакна Пешевски, дека ќе има најмалку по еден чартер неделно. Доколку има потреба, бројот на летовите ќе се зголеми.

Тур-операторот „Томас кук“ влегува во Македонија, фото: МИА
Тур-операторот „Томас кук“ влегува во Македонија, фото: МИА

Потпишувањето на овие договори ќе придонесе да се подобри странскиот туристички промет во државата, а директни придобивки ќе имаат сместувачките капацитети, додека со приливот на средства од странските туристи дополнително ќе се раздвижи најпрво локалната економија, а потоа и економијата на државно ниво, подвлече вицепремиерот по средбата со Феликс Хортолами, менаџер за склучување договори на компанијата „Томас Кук“ за Белгија, на која присуствуваше и Џамбазовски, пренесе МИА.

Како што посочи вицепремерот, Владата и Агенцијата посветиле многу внимание и труд за привлекување на групацијата „Томас кук“.

Одржувавме комуникација подолг период со нејзините претставници, презентирани им беа туристичкиот производ, потенцијалот на Македонија како се уште неоткриена европска туристичка дестинација, како и условите што ги нуди Владата за субвенционирање на туризмот и инвестирањето во маркетингот, информира Пешевски.

Раст на бројот на странски посетители за повеќе од 100 отсто

И директорот на Агенцијата Џамбазовски рече дека по подолго преговарање „Томас кук“ го потврди присуството во Македонија од следната година, односно ставањето на земјава на нивната туристичка мрежа ширум Европа.

Тур-операторот „Томас кук“ влегува во Македонија, фото: МИА
Тур-операторот „Томас кук“ влегува во Македонија, фото: МИА

Џамбазовски исто така, посочи дека во меѓувреме, во тек се преговори и со други меѓународни тур-оператори.

Владата настојува Македонија да прерасне во развиена туристичка земја. Доказ за тоа е статистиката која потврдува дека изминатите осум-девет години имаме раст од преку 100 проценти на странски посетители, напомена Џамбазовски.

Во првата половина од годинава над 206.000 странски туристи ја посетиле Македонија, што е за 11,6 отсто повеќе од истиот период лани. Бројот на туристи од Белгија, пак, покажува пораст од дури 42 проценти.

Менаџерот за склучување договори на „Томас Кук“ за Белгија Хортолами изминатите неколку дена престојуваше на охридско-струшкото крајбрежје каде со посредство на Агенцијата имаше средби со хотелиерите и во тие рамки ги потпиша договорите за аранжмани.