Турција бара Германија да го суди сатиричарот што го навреди Ердоган

Како што јави дописникот на МИА од Берлин, во својата емисија на националната телевизија ЗДФ, Бехерман пред сценографија со турско знаме и слика на турскиот претседател го обвини Ердоган за многу дела меѓу другото и за „секс со кози и овци“, а поемата содржи и обвинувања за „репресија кон малцинствата и насилство кон Курдите и христијаните, додека гледал детско порно“.

Поемата на Бехерман беше објавена откако турските власти го повикаат германскиот амбaсадор во Анкара во знак на протест против видео спотот за песната „Ердови, Ердово, Ердоган“ во кој се критикува однесувањето на Турција на полето на човековите права.

Официјален Берлин тогаш го отфрли протестот со образложение дека слободата на изразувањето е основен столб на германската демократија, што не беше случај со поемата на Бехерман, која ја осуди и германската канцеларка Ангела Меркел, по што таа беше повлечена од националниот дифузер.

За разлика од германската канцеларка дел од медиумите тргнувајќи од 1.800 кривични пријави против граѓани, новинари и политичари за навреда покренати од Ердоган, изразија поддршка за Бехерман.

Во отворено писмо со поддршка за Бехерман се јави и Матијас Дефнер извршен директор на моќната медиумската групација „Аксел Спрингер“, сопственик на најтиражниот германски весник „Билд“ и на „Велт“, кој смета дека работата на Бехерман е непроценлива и претставува уметничко дело.