Турција бара копнена војска во борбата против ИД

Турскиот министер за евроинтеграции Волкан Бозкир денеска во Брисел повика на распоредување на копнена војска во борба против екстремистичката група „Исламска држава“.

– Не можеме да се ослободиме од ова само со бомбардирање на некои цели. Потребни ни се сили на терен, изјави Бозкир, на вториот ден на Бриселскиот форум, се наведува во соопштение на организаторот германски Маршалов фонд.

Бозкир истакна дека воен одговор не е долгорочно решение за проблемот со екстремизмот, со оглед на тоа дека ИД има меѓу 15.000 и 30.000 борци.

– Што ќе направиме кога зборуваме за нивно елиминирање? Дали ќе ги убиеме сите или ќе ги ставиме во затвор, запраша Бозкир. Мораме да тргнеме на изворот што го создава тероризмот овде и било каде во светот. Сметам дека изворот во најголем дел е Европа, каде многу луѓе се чувствуваат дека се „други“. Доколку Европа стане инклузивна, ќе создаде впечаток дека тие луѓе имаат надеж за иднина, заклучи турскиот министер.

Координаторот на Европскиот совет за борба против тероризмот Жил де Кершов изјави дека Европа можеби е делумно одговорна за напредокот на ИД со слабиот одговор на „арапската пролет“, бранот бунтови на Блискиот Исток и Северна Африка во 2011 и 2012 година.

– Веројатно не бемве подготвени за предизвикот од „арапската пролет“. Требаше да направиме многу повеќе и многу побрзо, изјави Кершов.

Бриселскиот форум е годишна конференција за трансатлантски односи во организација на германскиот Маршалов фонд САД. На форумот присуствуваат шефови на држави, претставници на институции од ЕУ и земјите членки, американски службеници, претставници на Конгресот, парламентарци и академици.