Балкан

Турција ги предупредува на опасност своите граѓани кои патуваат во Германија

Турција ги предупредува на опасност своите граѓани кои патуваат во Германија

Турското министерство за надворешни работи објави предупредување за своите државјани кои сакаат да патуваат во Германија, советувајќи им претпазливост поради јакнење на расизмот во оваа земја пред парламентарните избори, антитурските чувства и обвинувајќи ги германските власти за поддршка на терористички групи.

„Политичките челници во Германија ја градат својата предизборна кампања на антитурски основи и го блокираат нашето придружување на Европската унија“, се наведува во соопштението на турското министерство за надворешни работи.

Министерството предупредува дека Германија „веќе извесно време е под влијание на јакнењето на крајната десница и дури расистичка реторика“. Тврди и дека во Германија не може да се обратат на судот поради „ксенофобијата и расизмот“.

Анкара покрај тоа ја обвинува Германија дека им дала засолниште на припадници на терористичките организации, особено на забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK) и на мрежата на исламистичкиот проповедник Фетула Ѓулен, кој живее во доброволен егзил во САД и кого го обвинува за неуспешниот воен преврат од 15-ти јули 2016 година и за создавање паралелна структура.

Организацијата PKK е забранета терористичка групација во Турција и во Европската унија, иако нејзини политички претставници често престојуваат во западна Европа, додека движењето на Ѓулен не е.

„Терористите слободно се движат по улиците на Германија“, обвинува турската дипломатија советувајќи има на своите државјани да ги избегнуваат политичките собири или настаните кои ги организираат „терористичките“ организации кои ги одобрува германската влада.

Предупредува и дека со турските државјани лошо се постапува на аеродромите во Германија.