Турција и Германија кон затоплување на нарушените односи

Министрите за надворешни работи на Турција и Германија се среќаваат во саботата во германскиот град Гослар, што и како и посетата на турскиот претседател на Париз ден претходно е дел од офанзивата на Анкара за подобрување на нарушените односи со западноевропските партнери.

Шефот на германската дипломатија Зигмар Габриел ќе го прими во саботата турскиот колега Мевлут Чавушолгу во својата изборна единцие Гослар, околу 250 километри западно од Берлин.

Оваа посета е дел од настојувањата на Анкара да ги подобри заострените односи со западните партнери коишто ја критикуваат за начинот на кој се справува со осомничените за организација и изведување на неуспешниот обид за воен преврат од 16-ти јули 2016 година, како и за обновување на нарушениот дијалог со Европската унија.

Во петокот турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во Париз разговараше со својот француски колега по должност Емануел Макрон, при што не можеше да ги избегне прашањата за човековите права и неизвесните преговори за членството на Турција во Европската унија, на којашто неколкупати ѝ порача дека нема да биде приоритет за Анкара доколку го задржи досегашниот став кон неа.

Кризата меѓу Турција и ЕУ се зголеми во 2017 година последните месеци особено во односите со Берлин, кој претходно годиниве во парламентот донесе резолуција со кој масакрот на Ерменците во Првата светска војна на територијата на тогашното Отоманско царство го прогласи за геноцид, наспроти спротивните турски тврдења и гневни реакции, како и за апсењето на неколку германски државјани, повеќето од турско потекло, осомничени и обвинети за субверзивни активности против турската држава.

Официјален Берлин ова лето им советуваше на Германците да не патуваат во Турција, а на компаниите да не вложуваат во оваа земја. Германија го замрзна и извозот на оружје за Турција, иако и двете земји се членки на НАТО, а втората е еден од најважните партнери за стратегијата на Алијансата на Блискиот исток.

Пред заминувањето во Германија, Чавушоглу оцени дека Анкара и Берлин се стратешки партнери и поради големата турска дијаспора, од најмалку три милиона, и затоа и на двете земји им е важно „да остварат нов почеток во билатералните односи“.

И Анкара и Берлин изминатите неколку дена испраќаа позитивни сигнали и турските власти ослободија неколку лица на условна слободата кои имаат и германски пасош, но седум германски државјани сѐ уште се во притвор. Главниот спор е судбината на германскиот новинар од турско потекло Дениз Јучел, кој речиси цела година е во притвор, а против него уште не е подигнато обвинение.

Анкара, исто така, редовно го обвинува Берлин за попустливост кон курдските сепаратисти и лицата кои се дел од мрежата на исламистичкиот клерик Ферула Ѓулен, кој од 1999 година живее во доброволен егзил во САД, а има свои следбеници и институции и во Германија, кои се обвинети за учество во пропаднатиот пуч.

Во екот на најголемите тензии, кога на турските министри германските власти им забранија да учествуваат на собири за референдумот со кој во Турција му се даваше поголеми овластувања на шефот на државата и просто беа проследувани надвор од земјата, Ердоган ја обвини канцеларката Меркел за „нацистички методи“.

Меркел последните месеци заговараше прекинување на пристапните преговори на Турција во ЕУ и намалување на финансиската поддршка за оваа земја. На замрзнатите преговори, кои инаку траат со децении, стана збор и во петокот на средбата на Ердоган со Макрон кој предложи ЕУ да склучи поинаков договор со Турција во форма на поинаква соработка, наместо полноправно членство.

И Германија и нејзините европски се колебаат да ги прекинат сите врски со Турција којашто им е клучен сојузни за задржување на имигрантите на нејзината територија на нивниот пат кон западна Европа и за борба против тероризмот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.