Турција и НАТО ќе разговараат за користење на базата Инџирлик во можната операција во Сирија

© AP Photo/Vadim Ghirda

Турските челници имаат намера да разговараат со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, за користење на воздухопловната база Инџирлик во случај доколку САД и нивните сојузници започнат борбена операција во Сирија, изјави во четвртокото портпаролот на турското министерство за надворешни работи, Хами Аксој.

„Прашањето за користењето на базата Инџирлик во случај на започување воени дејствија во Сирија ќе биде разгледувано за време на посетата на Јенс Столтенберг на Анкара во понеделник“, рече за новинарите Аксој.

Генералниот секретар на НАТО на 16-ти април ќе престојува во официјална посета на турската престолнина и притоа најавени се негови средби со претседателот Реџеп Тајип Ердоган, началникот на турскиот Генералштаб, Хулуси Акар, со шефот на ипломатијата Мевлут Чавушоглу и со министерот за одбрана, Нуретин Џаникли. Се очекува главните теми на разговорите да бидат односите меѓу Турција и НАТО, борбата со тероризмот и турската воена операција „Маслиново гранче“, како и подготовката за самитот на Алијансата планиран за 11-ти и 12-ти јули во Брисел.

Во понеделникот американскиот претседател Доналд Трамп се закани со удари против сириската влада поради наводниот хемиски напад во гратчето Дума, во близина на главниот град Дамаск, кое беше последното упориште на бунтовничката исламистичка групација Џаиш ал-Ислам. Русија, која е сојузник на владата на Сирија, ги отфрли обвинувањата како фабрикувана провокација чијашто цел е да се оправда напад врз сириските владини сили коишто по седумгодишната војна успеаја да повратат голем дел од териториите кои беа под контрола на бунтовничките и џихадистичките групации.