Балкан

Турција: Илјадници рудари не работат, синдикатот бара строга инспекција

Турција: Илјадници рудари не работат, синдикатот бара строга инспекција

Неколку илјади рудари не отидоа на работа во рудниците во сопственост на компанијата која се наоѓа на чело на рудникот во кој се случи најголемата индустриска катастрофа во Турција, а главниот регионален работнички синдикат бара строга инспекција на местото на несреќата и порачува дека рударите нема да се вратат на работа се додека тоа не се направи, пренесоа медиумите.

Минатата седмица 301 рудари ги изгубија животите во ескплозија во рудник во Сома, мал град на 480 километри југозападно од Истанбул. „Сакаме инспекторите на директоратот за рударство да спроведат инспекција“, а ние нема да се вратиме на работа се додека тоа не биде сторено“, рече шефот на регионалниот синдикат на работниците Тамер Кучукгенчеј.

Ваква синдикална акција би опфаќа 3.200 рудари во градот, каде што компанијата „Сома рударство“ има свои три рудници, вклучувајќи го и оној во кој се случи трагедијата.

Многу рудари секојдневно учествуваат  на отворените форуми, каде што изнесуваат обвинувања на сметка на лошите работни услови и ниските плати.

Турската полиција денеска притворила 25 лица, вклучувајќи ги и раководителите и персоналот на компанијата во чија сопственост е рудникот за јаглен каде што се случила експлозијата, а од 25-те приведени тројца се задржани во затвор.

Катастрофата предизвика протести ширум Турција. Демонстрантите ги обвинија сопствениците на рудникот за игнорирање на мерките за безбедност заради профит, а го обвинија и турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган за блиски врски со индустријалците, како и зе „нечуствителност во рекацијата на трагедијата“.