Турција им порача на САД да престанат да ги поддржуваат Курдите или ризикуваат судир

Турција им порача на САД да престанат да ги поддржуваат курдските борци во Сирија и предупреди дека во спротивно ризикува судир со турските сили на теренот, што е досега најострата изјава за можен судир меѓу најголемите војски во НАТО.

Изјавата на портпаролот на владата на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган укажува на растечката напнатост во билатералните односи, шест дена откако Турција ја започна воздушната а потоа и копнена офанзива во североисточната сириски област Африн којашто од 2012 година е под контрола на курдската милиција Единици за заштита на народот (YPG) кои се вооружени и обучувани од САД, а кои Анкара ги смета за сириска фракција на забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK) којашто од 1980-те војува против турската држава на југоистокот од земјата.

Можното придвижување на турските сили кон градот Манбиџ, заземен пред две години во делот на сириската територија населена со Курди околу 100 километри источно од Африн, би ги загрозило американските настојувања на североистокот од Сирија да создадат територија контролирана од арапско-курдската коалиција зад којашто стои Вашингтон, и би довело до судир со американските војници чиешто присуство на сириската територија дури во јануари го призна Пентагон.

„Оние коишто ги поддржуваат терористичките организации ќе станат цел во оваа битка. САД би требало да размислат за своите војници и елементите кои ги поддржуваат терористите на теренот за да се избегнат судир со Турција“, изјави вицепремиерот Бекир Боздаг.

САД признаа дека имаат најмалку 2.000 војници во Сирија, како што официјално тврдат во рамките на меѓународната коалиција во борбата против Исламската држава. Анкара претходно порача дека ваквиот одговор е апсурден, бидејќи споменатата џихадистичка организација е уништена на теренот. Русија, пак, го обвини Вашингтон дека на споменатата сириска територија организирал неколку бази во коишто американските специјалци ги обучуваат поранешните борци на Исламската држава со цел да ја дестабилизираат Сирија по големиот пресврт во војната во полза на владата во Дамаск,

Анкара особено ја разгневи американската најава за обука и вооружување на 30.000 курдски борци на североистокот од Сирија. Јакнењето на курдските сили во Сирија, Турција го смета за закана по нејзината безбедност стравувајќи од создавање на независна курдска држава на својата јужна граница. Курдите во Сирија пред две години прогласија веќе автономија и независност, што беше осудено од сите фактори во сирискиот конфликт, а исто така, и автономниот курдски регион во соседен Ирак одржа референдум за независност, што наиде на осуди.

Американскиот претседател Доналд Трамп во средата од Ердоган барал да се воздржи од воени операции во Сирија и го предупредил дека ризикува конфликт со американските сили во областа, соопшти Белата куќа. Меѓутоа, Анкара го оспорува таквото прикажување на телефонскиот разговор меѓу двајцата челници.

„Претседателот Трамп не изрази никаква загриженост поради ескалацијата на насилствата во врска со тековната операција во Африн. Разговорот на двајцата челници за операцијата ‘Маслинови гранче’ беше ограничен на размена на мислења“, изјавија во четвртокот од Анкара.