Турција ја отфрла Дарвиновата теорија за еволуцијата

Турција ќе ја исфрли од образовните содржини во средните училишта Дарвиновата теорија за еволуцијата на видовите сметајќи ја за контроверзна и тешка за сфаќање, изјави висок функционер за прашања од образование, а се очекува овој потег да ги вознемири секуларните Турци.

Критичарите забележуваат дека откако дојде на власт во 2002 година турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и неговата Партија на правото и развојот (AKP) ги поткопуваат модерните секуларни темели инсистирајќи на конзервативните програми, кој вклучуваат построги правила за консумирање алкохол и други ограничувања.

Поглавјето под наслов „Почетокот на животот и еволуцијата“ ќе биде исфрлено од стандардните учебници кои се употребуваат во средните училишта, а материјалот ќе им биде достапен само на учениците кои го продолжуваат образованието и одат на факултет на возраст од 18 и 19 години, изјавил Алпарслан Дурмуш, директор на државната комисија за образование, во обраќањето преку интернет претходно седмицава.

„Свесни сме дека нашите ученици, доколку немаат заднина врз основа на којшто би го сфатиле премисите и хипотезите, или доколку немаат знаења и научна рамка, нема да бидат во состојба да сфатат некои од тие контроверзни прашања, па некои од нив моравме да ги отфрлиме“, додал Думруш.

Теоријата на еволуцијата на видовите на Чарлс Дарвин ја отфрлаат и христијанските и муслиманските креационисти, кои веруваат дека Господ го создал светот како што пишува во Библијата и Куранот, создавајќи ја Вселената и сите живи суштества за шест дена. Додека Библијата изнесе точен број денови потребни за создавањето на светот, во Куранот се наведува „денови“, па се толкува дека со тоа се подразбира подолг период.

Турскиот потпретседател Нуман Куртумлуш изјави претходно годинава дека теоријата на Дарвин, првпат објавена во XIX век, е „стара и неупотреблива“, како и дека не треба многу да се приклонува кон неа.

Промените се дел од новиот курикул кој ќе почне да се спроведува на почетокот од училишната 2017/2018н година, а обликувани се во согласност со „турските вредности“, рече тогаш Дурмуш.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.