Турција ќе го поддржи Мосул, но нема да учествува во директни судири

Турција е подготвена да му даде поддршка на Ирак при евентуалната операција за ослободување на Мосул од џихадистичката група Исламска држава, но нема да учествува во директните судири, им изјави турскиот премиер Ахмет Давутоглу на новинарите во авионот на пат за САД, информира весникот „Хуриет“.

– Турција нема да биде страна во директните судири во Ирак или  Сирија. Ние ќе го поддржиме Мосул, но нема да учествуваме во директни судири. Доколку има директен напад врз Турција, ние веднаш ќе возвратиме, имаме потенцијал и сила за тоа, предупреди премиерот.

Давутоглу , исто така, на новинарите им кажа дека Турција спроведува политика за Ирак што се темели на четири точки или правци на дејствување. Според него, на прво место Анкара е во тесен контакт со централната ирачка Влада;  второ, дава важност на стабилноста во курдскиот реон во северен Ирак и обуката на ирачките курдски борци; трето,  им дава поддршка на Туркмените во Ирак и на четврто место се активностите за спречување на судирите меѓу сунитите и шиитите во Мосул.

Премиерот изјави дека реоните во близина на границите на Турција не треба да бидат под закана од тероризам. Тој како пример посочи дека доколку Ербил падне во рацете на Исламска држава, тоа ќе создаде проблем за Турција од гледна точка на нејзината национална безбедност.

Давутоглу потенцира дека за Анкара е важно што ќе се случи во реоните во Сирија и Ирак, од кои ќе бидат избркани борците на Исламска држава. Тој подвелече дека во овие реони на Сирија не треба да влегуваат сириските владини сили, а во Ирак не треба шиитските милиции да влезат на местото на борците од Исламска држава.

Давутоглу истакна дека меѓународната коалиција, која војува против Исламска држава, не им дава приоритет на овие прашања и смета дека прво треба да се ликвидира џихадистичката група, а потоа да се мисли што ќе се прави натаму. Според турскиот премиер ова е погрешна стратегија.

Тој подвлече дека Турција треба да ја поддржи коалицијата, на начин што нештата ќе се предвидуваат еден чекор однапред.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.