АНАЛИЗА: Турција на Балканот – митови, илузии и реалности

Што е тоа што ја крепи новата самоувереност на Турција на просторот на Западен Балкан? Дали е тоа пример за „нео-отомански“ царски соништа, економски интереси или стратешки цели?

Нoвата самодоверба на просторот на Западен Балкан, која ја покажува Турција, и растечките геополитички, економски и културни влијанија предизвикува различни мислења за целите на турската влада, формирана од конзервативната Партија на Правдата и Развој (АКП) која се темели на исламистички корени.

Под владеењето  на АКП, Турција усвои една наметлива политика на Балканот. Министерот за надворешни работи Ахмет Давитоглу се обиде да најде решение за политичкиот ќор-сокак во БиХ, понуди посредување меѓу Косово и Србија и превзема различни иницијативи за решавање на проблемите меѓу соседите во регионот.

Подемот на турската економија неодамна стана магнет за балканските народи, па така нејзиното влијание повеќе не е само политичко. Трговијата и туризимот цветаат, а турските сапуници станаа најпопуларните телевизски серии во повеќето земји на Балканот. И турските универзитети станаа добра алтернатива за младите, со понудени стотици стипендии.

Оптимизам и сомневања

И покрај големата симпатија на Балканските земји кон Турција, сепак многумина со сомневање гледаат кон надворешната политика на турската влада, во која согледуваат „нео-отоманска“ шема.

Според Ерхан Турбедар, ескперт за Балканот во Фондацијата за економски и политички истражувања на Турција (ТЕВАП), актуелната дебата на Балканот и Турција е полна со митови и илузии, на двете страни.

„Многумина на Западен Балкан веруваат дека турската влада за главна цел има да ги унапреди своите врски со Исламскиот свет. Веруваат дека политиките се базирани на идеолошки цели, многу повеќе отколку на национални интереси“, изјавил Турбедар за „Дојче Веле“.

„Често слушаме критики дека Турција бара експанзија на Балканот или се обидува да ја достигне својата цел низ културни, политички и економски алатки. Овој наратив скоро стана урбана легенда низ сите Балкански земји.“, оценува тој.

Недоверба во намерите на Турција

Позитивното прифаќање на зголемената присутност на Турција на Балканот е срдечно прифатена од муслиманското население како во Албанија, БиХ и Косово, што пак од друга страна ги зголемува сомнежите кај немуслиманското населени, најизразено во Србија.

Според некои истражувања, помалку од 15 отсто од Србите сметаат дека Турција е пријателска сила.

Турција сега е 16-та најголема економија во светот и се обидува да етаблира стабилни, мирнољубиви релации со своите соседи и да ја поткрепи својата извозно ориентирана економија. Балканот е главниот пат за турскиот извоз кон ЕУ и нејзин водечки трговски партнер.

Економските интереси на Турција и домашната политика, според некои аналитичари, играат голема улога во активната политика на турската влада, многу повеќе отколку исламистичките мотиви. Сензитивноста на јавноста во однос на улогата на Турција во регионот и очекувањата да стане регионален играч во интернационалната политика, е исто така значајно. „Балканското лоби“ во турската политика е еден од најголемите фактори за самоувереноста на Турција.

Балканското лоби

Официјалните статистики покажуваат дека повеќе од еден милион Турци живеат во Балканските земји и тие се мостот меѓу овие земји и Турција. Во Меѓувреме, во Турција живеат помеѓу 10 и 15 милиони Турски граѓани со Балкански корени. Ова гради „природно лоби“, сочинето од асоцијации, фондации, новинари, академици, парламентарци, министри и дипломати.

Балканот игра значајна улога во Турската политика, а мислењето на турската јавност за луѓето на Балканот е исто така полно митови и илузии.

Нео-Отоманизам (Нежна верзија на империјата)

Актуелната политиката на Турција, насочена кон Балканот, иако критикувана од опозицијата, сепак ја користи секоја можност да етаблира зајакнување на врските со балканските земји. Тие поаѓаат од ставот дека зајакнатите врски ветуваат стабилност и просперитет во регионот.

„Турција има блиски врски со балканските земји, врз основа на нашата заедничка историја. Со векови, турскиот народ живеел заедно, рамо до рамо, со народите од овој регион”, посочува заменик министерот за надворепни работи на Турција.

„Денеска имаме роднински врски со заедниците во повеќето од земјите од Западен Балкан. Значи тврдењата на скриена, нео-отоманска агенда не се вистинити. Ние ги преземаме лекциите од историјата, и работиме со прогресивна визија“, додава тој.

Турскиот заменик министер за надворешни работи во своите изјави покажува уверување дека Турција и земјите од регионот имаат заедничка иднина под чадорот на НАТО и ЕУ.

„Една од главните цели за надворешната политика на регионот е интеграцијата на сите земји во Трансатлантските институции. Ја поддржуваме секоја земја во напорите да стане членка на НАТО и ЕУ. Не дискриминираме. Го поддржуваме зачленувањето во НАТО на Црна Гора исто како што ја поддржуваме и БиХ. Кога сите земји во регионот конечно ќе станат членки на ЕУ, ќе имаме перманентен мир и стабилност. Актуелните граници ќе го изгубат своето значење“, вели заменик министерот.

Зголеменото влијание на Турција ги вознемирува духовите на Балканот, особено кај босанските Срби, кои одржуваат паралелна влада во Босна под комплициран систем воспостваен во БиХ после мировните договори од 1995 година. Тие изразуваат стравување дека дел од босанските муслимани паѓаат под влијание на поранешната империјалистичка моќ.

Сепак, дури и Србија и Хрватска ги поздравија турските инвестиции. Турција беше трет по големина инвеститор на Медитеранот во Хрватска во првите три квартали од 2012 година, а Ердоган продолжува со приближување на врските со Србија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.