Балкан

Турција не доби поддршка за место во Советот за безбедност на ОН

Турција не доби поддршка за место во Советот за безбедност на ОН

Турција не успеа да обезбеди поддршка меѓу земјите членки на ОН, за место во Советот за безбедност и покрај силното лобирање на турската дипломатија.

Во третиот круг од гласањето, во трката за второто место, определено за Западот, меѓу непостојаните земји-членки на ОН, Турција беше убедливо поразена од Шпанија.

Неуспехот да се обезбеди едно од десете места во Советот за безбедност, што се определени за непостојаните членки, доаѓа по одбивањето на Турција, да се вклучи во борбата против џихадистите на Исламска држава (ИД) во Ирак и Сирија, како и несакањето на официјална Анкара да им помогне на Курдите, во сирискиот град Кобане, сместен непосредно покрај сириско-турската граница, кои неколку недели водат тешка битка со милитантните сунитски исламисти.

Наместо тоа, турската Влада бараше воведување на „тампон зона“ и зона за забранети летови во пограничниот реон со Сирија, како и согласност на меѓународната заедница дека покрај борбата против ИД, ќе се води борба и за соборување на сирискиот претседател Башар ал Асад.

Турскиот министер за надворешни работи, Мевут Чавушоглу, изрази разочарување од исходот во гласањето, индиректно признавајќи дека гласањето е поврзано со однесувањето на неговата земја, во сегашната ситуација на Блискиот Исток.

– Турција нема да ги напушти своите принципи, само за да добие повеќе гласови, изјави шефот на турската дипломатија, веднаш по гласањето во ОН.

Во Обединетите нации се гласаше за пополнувањето на пет, од десете места што во Советот за безбедност се определни за непостојаните членки на ова, најзначајно тело во Светската организација.

Покрај Шпанија, беа избрани и Нов Зеланд, Ангола, Малезија и Венецуела. На 1 јануари 2015 година, тие ќе ги заменат досегашните членки, Аргентина, Австралија, Луксембург, Јужна Кореја и Руанда. Во Советот за безбедност, новозибраните земји, ќе им се приклучат на другите пет непостојани членки, Чад, Чиле, Јордан, Литванија и Нигерија.