Турција не го прифаќа извештајот од европратениците и ќе го врати во ЕП

Анкара ќе му го врати на Европскиот парламент извештајот за Турција, изјави турскиот министер за ЕУ, Волкан Бозкер.

– Ние не го прифаќаме извештајот и ќе го вратиме, посочи Бозкер, откако вчера ЕП го усвои извештајот за напредокот на Турција.

Во извештајот се упатува повик до Анкара да ја почитува слободата на медиумите, слободата на изразувањето и независноста на правосудниот систем.

Истовремено беше изразено задоволство во врска со начинот на кој се одржаа парламентарните избори во Турција на 7 јуни.

Бозкер посочи дека во последен момент во извештајот бил додаден дел во кој се споменува претходно усвоената резолузија на ЕП за случувањата од 1915 година. Станува збор за масовното убивање на Ерменците во Отоманската империја, кое е признато за геноцид од околу 20 држави и од ЕП.

Во резолуцијата, усвоена на 15 април, ЕП ја повикува Анкара да го признае ерменскиот геноцид.

– Поради споменувањето на таа резолуција ние го сметаме извештајот за неприфатлив. Тој ќе му биде вратен на ЕП преку нашиот постојан претставник во Брисел, рече министерот