Турција не прави компромиси

Заканувачката реторика на САД не е од корист за никого, рече денеска турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во Анкара. Ердоган рече дека Турција нема да направи никакви компромиси за независноста на судството и додаде дека “евангелискиот и ционистичкиот менталитет” во САД не е прифатлив, објави Ројтерс.

Турскиот суд вчера ја отфрли жалбата на американскиот свештеник Ендру Бренсон за ослободување од домашен притвор, додека чека на судењето по обвинение за тероризам, објавија турските државни медиуми.
Бренсон живее во Турција повеќе од две децении и е обвинет дека ги помагал подржувачите на Фетулах Ѓулен, муслимански проповедник прогонет во САД, за време на неуспешниот државен удар во Турција во јули 2016 година.

Ердоган исто така истакна дека турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, ќе се состане со американскиот државен секретар Мајкл Помпео на маргините на самитот на АСЕАН, што се одржува во Сингапур.