Турција негира дека употребила хемиско оружје во Сирија и не сака да ги слуша лекциите од Западот

Турција никогаш не употребила хемиско оружје во своите операции во Сирија и води голема грижа за цивилите, изјави турски дипломатски извор откако во саботата претпладнето силите на сириските Курди и невладина организација ја обвинија турската војска за напад со отровен гас во сирискиот регион Африн.

„Тоа се неосновани обвинувања. Турција никогаш не употребила хемиско оружје. Водиме голема грижа за цивилите во операцијата Маслиново гранче“, рекол неименуваниот турски функционер пренесува агенцијата Reuters. Изворот, исто такам, рекол дека обвинувањата за шест повредени цивили во напад со гас претставува „црна пропаганда“.

Портпаролот на курдската милиција Единици за заштита на народот (YPG) во Африн, Бируск Хасака, изјавил за агенцијата дека во турското бомбардирање во петокот било погодено село во северозападниот дел од покраината, покрај турската граница. По тоа бомбардирање шест луѓе се пожалиле на проблеми со дишењето и други симптоми, што е индикативно за напад со нервен гас, рекол Хасака.

Анкара од 20-ти јануари води офанзива под називот „Маслиново гранче“ против курдската милиција којашто ја смета за сириска фракција на забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK) којашто води герилска војна против турската држава. Меѓутоа, курдските сили се сојузници на САД што доведе до тензии со Вашингтон.

Опозициската Сириска опсерваторија за човекови права (SOHR), со седиште во Лондон, за Reuters изјавила дека турските сили и нивните сојузници сириските бунтовници нападнале сириско село со гранати во петокот. Според Опсерваторијата, болнички извори од Африн известиле дека шест лица во нападот се здобиле со тешкотии при дишењето и проширени зеници, што упатува на напад со хемиско оружје.

И сириската државна новинска агенција SANA, повикувајќи се на изјава на лекар од градот Африн, извести дека турското бомбардирање на селото предизвикало симптоми на гушење кај шест лица.

Обединетите нации на 6-ти февруари повикаа на моментален хуманитарен прекин на огнот во Сирија, но турската армија продолжи со својата операција, заканувајќи се и со нејзино проширување кон градот Манбиџ, каде што се стационирани американските војници.

Од почетокот на војната во Сирија во март 2011 година, Курдите коишто имаа премолчен договор со силите на владата на претседателот Башар ал-Асад, со нивните сојузнички локални арапски милиции подоцна добија вооружување и обука од САД. Тие прогласија три автономни региона на северот од Сирија, вклучително и во Африн, на која сакаат да прогласат независност којашто ја осудија повеќето страни вмешани во сирискиот конфликт. Тие ги проширија своето влијание и во не-курдските области покрај турската 900 километри долгата граница со Турција кои што ги заземаа откако од таму беше истисната џихадистичката групација Исламска држава.

 

Турција тврди дека за интервенцијата не ѝ е потребна дозвола од Сирија

На Турција за интервенцијата во Сирија не ѝ е потребна дозвола од Дамаск, бидејќи тоа право ѝ го дава повелбата и резолуцијата на Обединетите нации, порача во саботата во Минхен, премиерот Бинали Јилдирим.

Турција без согласност на сириската влада ја започна копнената и воздушна операција во северозападната покраина Африн за од таму да ги протера курдските борци. Јилдирим тврди дека не ѝ е потребна дозвола од Дамаск, бидејќи правото на борба против тероризмот е запишано во повелбата на ОН и резолуциите на Советот за безбедност.

„Кога од 63-те земји од меѓународната коалиција (предводена од САД) имаат дозвола од Сирија? Таму нема држава којашто функционира. Сето она што го правиме е во согласност со меѓународното право“, рече Јилдирим на конференцијата за безбедност во Минхен.

Додаде дека турската војска во Африн не се бори само против YPG и PKK, туку и против Исламската држава и другите терористички групации за да може да се овозможи враќање на иселените Сиријци во нивните домови.

„Што друго треба да правиме? Да ги затвораме очите додека ги убиваат нашите луѓе. Ќе ја влепиме најсилната можна отоманска шлаканица“, истакна турскиот премиер пред високите политички претставници на 80-ина земји, три дена откако турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган предупреди дека САД наскоро би можеле да ја почувствуваат „отоманската шлаканица“.

Ердоган во средата ги коментираше изјавите на американските функционери кои порачаа дека Турција наскоро би можела да доживее „остар одговор“ доколку нејзините сили тргнат на градот Манбиџ кој е под контрола на курдската милиција а во кој се стационирани и американски војници, за кои Русија тврди дека САД имаат намера трајно да ги распореди на сириска територија.

Ваквата вжештена реторика од ден –на ден ги руши односите меѓу Анкара и Вашингтон, а повод во прв ред е ситуацијата во Сирија каде што Турција се бори против Курдите коишто ги подржуваат САД.

 

Анкара не сака да ги слуша уроците од Западот за слобода на медиумите

Турција, исто така, во саботата ги отфрли обвинувањата од Западот за кршење на медиумските слободи, ден откако го ослободи германскиот новинар од турско потекло обвинет за терористичка пропаганда.

„Турција е правна држава, исто како и Германија и САД. Никој нема право да го доведува во прашање владеењето на правото во друга земја“, изјави турскиот премиер Бинали Јилдирим на Минхенската безбедносна конференција.

Судот во Истанбул го ослободи во петокот новинарот Дениз Јучел да се брани од слобода. Тој во февруари 2017 година беше уапсен во Истанбул поради ширење терористичка пропаганда и поттикнување на јавноста на насилство, а во врска со неуспешниот обид за воен преврат од 15-ти јули 2016 година.

Јилдирим посети дека во текот на обидот за државен удар загинаа 250 луѓе, а стотици беа ранети „со оружјето грабната од турската војска“.

„Што би сториле вие доколку е бомбардиран вашиот парламент, доколку има обид за атентат ан вашиот претседател?“, ги запраша турскиот премиер претставниците на 80-ина земји. „За безбедноста на своите граѓани ги преземаме сите неопходни мерки“, додаде Јилдирим.

Рече дека Анкара е подготвена да го унапреди својот правосуден и демократски систем, но не и дека сака да слуша лекции. „Кога нашите пријатели даваат интерпретации, очекуваме да бидат чесни и да покажат емпатија“, истакна Јилдирим.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.