Турција: Новата Влада ќе се стреми кон побрзо членство во ЕУ

Турскиот премиер Ахмет Давутоглу денеска изјави дека една од главните правци на новата Влада ќе биде активизирање на преговорите за членство на Турција во ЕУ.

– Претходната влада реализира голем број реформи во оваа сфера, но сега процесот е малку побавен. Потребен е нов импулс. Полноправното членство во Унијата е една од главните цели на Владата, истакна Давутоглу во Парламентот, каде ја претстави програмата на новиот кабинет.

Тој увери дека неговата Влада планира да се придржува кон „стабилна и безопасна политика“ во рамки на евроинтеграциите, потенцирајќи дека на прво место ќе настојува за отворање на замрзнатите поглавја од преговорите со ЕУ.

Давутоглу, исто така, додаде дека Турција ќе води активна внатрешна и надворешна политика, ставајќи фокус на економскиот раст на земјата, привлекување на странски инвестиции, подобрување на макроекономските показатели и решавање на социјалните проблеми.

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.