Турција отвори истрага против сенатор и разузнавачки функционери на САД

Главниот обвинител на Истанбул отворил истрага против повеќемина американски функционери, меѓу кои е и челникот на демократите во Сенатот, Чарлс Шумер, поранешниот сојузен обвинител Прит Барара и двајца поранешни високи функционери на Централната разузнавачка агенција (CIA), пренесе во саботата новинската агенција Dogan според која тоа е одговор на кривичната пријава којашто во петокот ја поднесоа група турски адвокати.

Според турските и американските медиуми, со кривичната пријава за помагање тероризам во Турција се опфатени 17 личности од Соединетите држави и од друг земји нејзини сојузнички.

Во пријавата, исто така, поднесена против поранешниот директор на CIA, Џон Бренан, и поранешниот висок функционер на оваа разузнавачка агенција Греам Фалер, се наведува нивната поврзаност со исламскиот клерик Фетула Ѓулен, кој од 1999 година живее во доброволен егзил во САД.

Турските власти го сметаат имамот Ѓулен, поранешен близок политички сојузник на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, за одговорен за ширењето на ткн „паралелна држава“ во безбедносните структури, образованието и правосудството, и особено за поврзаноста со неуспешниот обид на една фракција во турската армија на 15-ти јули минатата 2016 година да изведе воен преврат во Турција.

Ѓулен ги отфрла ваквите обвинувања, а САД досега бараа веродостојни докази за обвинувањата врз основа на кои Анкара бара негово предавање од властите во Вашингтон.

Агенцијата додава дека во кривичната пријава се наведени и Мајкл Рубин и Хенри Барки, кои работат за аналитички центри чијшто интерес се состојбите на Блискиот исток.

Барара, пак,кој е првенствено познат по својата насоченоста на илегалните акции на Волстрит, се најде во фокусот на турската влада кога подигна обвинение против турско-иранскиот бизнисмен и трговец со злато Реза Зараб. Во рамките на истрагата за кршење на санкциите против Иран, исто така, беше обвинет и уапсен и заменикот директор на турската државна банка „Halkbank“ во Њујорк, што Анкара го оцени како „политичко апсење“.