Турција почна со градењето на мега-аеродромот

Во Истанбул е поставен камен-темелникот за аердоромот кој ќе биде еден од најголемите во светот, со капацитет од 150 милиони патници годишно. Проектот му „лежи на срце“ на премиерот Ердоган,пишува Дојче Веле.

Реџеп Таип Ердоган на свечената церемонија во Истанбул еуфорично рече: „Не градиме само аеродром, туку споменик на победата“.Новиот истанбулски аеродром ќе чини 10,25 милијарди евра, а ќе биде изграден на простор од 76,5 милиони метри квадратни.

„Ќе се состои од шест писти, со капацитет за 500 авиони. Со 150 милиони патници годишно ќе биде најпрометниот аеродром во светот“, најави Ердоган.

Аеродромот во Истанбул треба да му биде конкуренција пред се‘ на аеродромот во Дубаи, кој беше отворен во октомври и има капацитет за 160 милиони патници годишно.
Првата етапа од изградбата во Истанбул ќе биде завршена до октомври 2017 година. Тендерот за изградба на колосалниот аеродром го доби турскиот конзорциум Лимак-Колин-Ченгиз-Мапа-Калјон, а изградбата ќе биде спроведена по моделот изгради-управувај-предај на државата. Групата даде најголема понуда од 22,15 милијарди евра без ДДВ, и по изградбата со аеродромот ќе управува 25 години, по што ќе мине во сопственост на државата.
Изградбата на аеродромот треба во целост да биде завршена до крајот на 2018 година.