Турција: Поддржувачите на уставните реформи во водство

Поддржувачите на преминот од парламентарен во претседателски систем водат на референдумот кој се одржа во неделата во Турција, добивајќи 52 отсто од гласовите, покажуваат прелиминарните податоци од врховниот изборен совет по обработката на 90 отсто од изборниот материјал.

Според истиот извор, противниците на уставните реформи со коишто шефот на турската држава би добил поголеми овластувања освоиле 47,5 отсто од гласовите.

Од почетокот на пребројувањето на гласовите забележливо е постојаното намалување на водството коешто го имаат поддржувачите на претседателскиот систем. На пример, по пребројувањето на 24 отсто од гласачкиот материјал, тие беа во водство со 63,4 отсто, а по преброените 69 проценти од гласачките ливчиња, предноста веќе беше падната на 55 отсто.

Поборниците на процесот на транзиција кон претседателскиот систем водат во повеќето турски покраини, освен во југоисточните, оние каде што доминантно е курдското население, како Дијарбекир, Ван, Агри, Мардин и други, како и во покраините на средоземноморсиот и егејскиот брег – Анталија, Мугла, Измир. Во метрополите Истанбул и Анкара, поборниците и противниците на претседателскиот систем се речиси изедначени.

Анкетите и претходно предвидуваа тесна победа на поборниците на измените на уставот со коишто парламентарната демократија во Турција ќе биде заменета со претседателски систем, а на сегашниот претседател Реџеп Тајип Ердоган, според предвидувањата ќе му овозможи да остане на власта барем до 2019 година.

Сигурно е дека резултатите од референдумот ќе се одразат врз односите на Турција  со Европската унија, имајќи ја предвид и надмоќноста на неговата Партија на развојот и правото (AKP). Турција го запре имигрантскиот бран кој ги преплави западните земји од ЕУ, но Анкара најави дека ќе го преиспита овој договор обвинувајќи го Брисел за неисполнувањето на обврските од спогодбата, а особено поради критиките за спроведувањето на референдумот.

„Ако Господ даде, верувам дека нашиот народ ќе се одлучи да го отвори нападот за побрз развој. Верувам во демократскиот разум на мојот народ“, изјави Ердоган за новинарите на избирачкото место.

Ердоган тврди дека со реформите сака да обезбеди стабилност на земјата потресувана од судирите со курдските бунтовници и тероризмот од екстремните исламистички организации, како и побрз економски раст. Неговите критичари, пак, го обвинуваат дека сака да добие апсолутна власт.

Права на глас имаа 55 милиони луѓе, а гласаа на 167.140 избирачки места. Турските државјани во странство гласаа претходно.

Вкупно 18-те промени во реформи ќе му овозможат на турскиот претседател да именува и менува министри, да се кандидира уште двапати за шеф на државата и повторно да го преземе водството на партијата од којашто потекнува, што досега беше исклучени и во уставот и во статусите на партиите кои го даваа премиерот, За нив се одлучува на референдум, бидејќи иницијативите на AKP не успеаја да добијат двотретинско мнозинство во парламентот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.