Турција покрена постапка пред СТО поради царините од САД

Турција покрена постапка пред Светската трговска организација (СТО – WTO) поради воведувањето на двојно поголемите царини на увозот на турскиот алуминиум и челик, објави во понеделникот организацијата.

Американскиот претседател Доналд Трап на почетокот од август издаде указ со кој се удвојуваат царините за увозот на турски алуминиум и челик на 20 односно 50 отсто, поради одбивањето на Анкара да го ослободи евангелистичкиот пастор Ендрју Брансон, кого турскиот суд го обвинува за шпионажа и тероризам, односно соработка со организаторите на неуспешниот воен преврат од јули 2016 година и соработка со забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK).

Овој указ, како и најавата дека САД се во „економска војна“ предизвика остар пад на турската лира, којашто од почетокот на годината загуби околу 50 отсто од вредноста кон американскиот долар од почетокот на годинава , или околу 30 до 35 проценти по воведувањето на санкциите за двајца турски министри од почетокот на август. Турција возврати дека поради тоа ќе премине на плаќање во националните валути со своите најголеми трговски партнери, како и дека поради ваквите чекори Вашингтон ризикува да загуби стратешки партнер на НАТО во регионот.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган предупреди на отворената економска војна од страна на САД и ги повика своите сонародници да ги продаваат своите девизи, за да ѝ помогнат на турската лира, велејќи дека станува збор за „национална борба“ против „оние кои поведоа економска војна против светот“, и против Турција.

„Турција побара консултации во СТО со САД поради дополнителни увозни царини на производите од челик и алуминиум“, соопштија од Светската трговска организација. Двете страни имаат 60 дена да изнајдат решение, а во спротивно случајот може да се најде пред телото на СТО за разјаснување на трговските спорови, се појаснува.

Претходно во петокот, Кина, којашто исто така е во период на ескалација на трговската војна со САД, порача дека Турција може да ја надмине „привремената економска криза, истакнувајќи дека стабилната турска држава игра голема улога во одржувањето на „регионалниот мир и стабилноста“. Кинеското министерство за надворешни работи во кусото соопштение од петокот објави дека го забележало „новиот правец“ на турската економија, вклучително и во нејзините надворешно-политички односи.

„Турција е важен пазар во земјите во развој, и таа останува стабилна и ги унапредува придобивките за регионалниот мир и стабилноста… Кина верува дека Турција има способност да ги надмине привремените економски тешкотии и се надева дека релевантните страни можат да ги намалат меѓусебните разлики преку дијалог“, порача кинеската дипломатија.

Истовремено, кинеското министерство за надворешни работи, потврди дека државната индустриска и комерцијална банка (Industrial and Commercial Bank of China Ltd – ICBC) потпишала договор за финансирање во висина од 3,8 милијарди долари со Турција, за што претходно во јули извести службената новинска агенција Xinhua, без да наведе поединости.

Минатиот четврток,турскиот министер за финансии Берат Албарјак, ги уверуваше илјадниците странски инвеститори на собирот во Анката, дека Турција ќе успее да се справи со валутната криза, ветувајќи дека неговата земја ќе излезе „само посилна“ од моменталната нестабилноста на пазарите.