Турција резервира воздушен простор над Егејот за воени вежби, Атина протестира

Грција протестира против потегот на Турција да резервира голем дел од воздушниот простор над Егејското Море за воени маневри до крајот на годината, соопшти портпаролот на грчкото Министерство за надворешни работи Константинос Кутрас, пренесе МИА.

Според него, Турција еднострано издала Известување за пилотите (НОТАМ), резервирајќи широк воздушен простор над Егејското Море од денеска до 31 декември 2015 година, со цел „воена употреба“.

Грчкото МНР соопшти дека со овој потег се влегува во грчкиот воздушен простор, се меша со сообраќајот на два регионални аеродроми и влијае на два меѓународни патни правци, јави дописникот на МИА од Атина.

Грчкото цивилно воздухопловство издаде навигациско предупредување во кое нагласува дека турскиот НОТАМ е „ништовен и неважечки“.

Кутрас истакна дека Грција ќе го покрене ова прашање во НАТО, Обединетите нации, Европската унија и Меѓународната организација за цивилно воздухопловство.