Турција се испазари за бегалците

Бегалците отсега ќе можат да транзитираат низ Балканот само преку официјалните гранични премини и само доколку имаат валидни документи и ако ги исполнуваат Шенген условите.

Заклучокот на маратонскиот Самит во Брисел, на кој Турција и земјите членки на ЕУ преговараа за пронаоѓање решение за бегалската криза е дека „илегалната миграција по Балканскиот коридор се запира“.

Турција се обврза да го преземе товарот од кризата, но само ако се исполнат дополнителните барања на официјална Анкара.

Имено, Турција покрај веќе одобрените 3 милијарди евра, бара нови три милијарди кои би биле исплатени до 2018 година, олеснување на Шенгенот за турските државјани и забрзување на процесот на преговори за членство во Унијата. За возврат Турција ќе ги прими назад сите сиријски бегалци кои не ги исполнуваат критериумите, оние кои ќе бидат пресретнати во грчките територијални води и оние кои ќе влезат во Европа по предвиден датум кој дополнително ќе биде договорен. Анкара останува на ставот дека за секој вратен бегалец треба да се испрати нов во државата од каде доаѓа, но бегалец кој ги исполнува сите законски услови.

Сепак сите овие договори треба да бидат потврдени и верифицирани на следниот самит на Европскиот совет кој ќе се одржи на 17. март.

 

Грција се полни со мигранти

Два фериботи со околу 700 бегалци и мигранти денеска пристигнаа во Пиреја.

Според пристанишните власти, во чекалните за патници во Пиреја во моментов се сместени 3.070 бегалци и мигранти, а едната од нив на излезот Е-2 е преполна, па многу шатори се поставени и надвор од објектот.

грција мигранти

 

Во меѓувреме, во близина на малиот карпест остров Зурафа е пронајден дрвен чамец со 110 мигранти и беглаци меѓу кои имало 40 деца и бебиња. Дрвениот чамец го забележала патрола на грчката крајбрежна стража и веднаш ги префрлила луѓето во пристаништето Александрополис. Мигрантите во моментов се идентификуваат, а потоа ќе бидат испратени во првиот прифатен центар во Орестида.

Во меѓувреме во Идомени, на само стотина метри од граничната линија има околу 13.000 бегалци, а состојбата од час во час се влошува и потребна е најмала ситница за да ескалира. Бегалците немаат доволно храна и вода, недостасуваат медицински материјали, а илјадници луѓе спијат под отворено небо на лоши временски услови.

Според вчерашни податоци, во Грција има 34.183 бегалци и мигранти.

Македонија ќе го затвори пунктот кај граничниот камен 59

„Вечер“ пишува дека Македонија ќе го затвори пунктот кај граничниот камен 59.

Тоа мора да се стори за да се избегнат несакани ситуации и стотици па и илјадници бегалци да им се придружат на веќе заглавените Авганистанци кои петанесети ден се во Табановце.

Дури и ако се отворат границите тоа ќе биде само за бегалците од Сирија и дека по вчерашната средба и бегалците од Ирак станаа “непожелни“ за Европа, велат извори за „Вечер“.

Регистрациониот пункт ќе биде затворен најмалку во наредните десетина дена до самитот на Европскиот совет, кога оваа информација ќе стане договор и ќе стапи на сила.

Во Македонија „заглавени“ околу 1.500 бегалци, влез на нови бегалци нема 

Околу 1.500 бегалци и мигранти моментално се наоѓаат на подрачјето на Република Македонија.

Состојбата во Транзитниот прифатен центар „Винојуг“ во изминатите три дена е мирна и повеќе од 52 часа нема влез на нови бегалци и мигранти од грчка на македонска страна.

migranti gevgelija

 

 

Последниот воз со над 400 мигранти од Сирија и Ирак од Прифатниот центар во Гевгелија кон Табановце замина на 7. март.

Засега нема најави за пропуштање и влез на нови бегалци и мигранти од грчка на македонска страна, согласно донесената одлука за примена на новиот режим во Шенген зоната, што значи дека нема прием на бегалци без валидни визи и пасоши.