Турција со нова донација за АРМ

Воени чизми и делови од воено маскирна униформа денес доби македонската армија како донација од Република Турција. Воената донација во вредност од околу 2 милиони американски долари е со висок квалитет и целосно компатибилна со стандардите на НАТО.

Истата денес ја предаде турскиот амбасадор во Македонија Омур Шолендил кој истакна дека односите на полето на одбраната се едни од најнапредните билатерални односи при што до денес се потпишани 28 договори за воено финансиска помош.

-Македонската армија од средствата кои и се доделени за периодот од 2010 до 2013 година, обезбеди чизми, униформа и опрема во вредност од 1.950.000 американски долари. Јас сум целосно уверен во тоа дека со предавањето на оваа опрема македонската армија која под чадорот на ОН успешно учествува на некои меѓународно мировни операции, ќе зајакне уште повеќе и дека за кратко време ќе направи уште поголем исчекор кон членството на НАТО кое одамна го заслужува, потенцираше Шолендил.

oprema1-500

Министерот за одбрана Зоран Јолевски посочи дека воспоставеното пријателство меѓу двете земји е несомнен пример за тоа како треба да се соработува во регионот и пошироко, додавајќи дека Турција перманентно ја одржува модернизацијата и опремувањето на единиците на АРМ.

-Покрај донацијата во опрема, почнувајќи од 1996 година, повеќе од 700 припадници на Армијата на Република Македонија и Министертсвото за одбрана имаат привилегија да се школуваат и обучуваат во престижните воени центри за обука на Турција и да се стекнат со знаења и вештини од највисок степен, нагласи Јолевски.

Новата опрема ќе биде распоредена во единиците на АРМ согласно потребите.