Турција соопшти дека притворила илјада „тајни имами“ во чистката во полицијата

(AA photo)

Турските влaсти соопштија дека во средата уапсилe повеќе од илјада „тајни имами“ кои се уфрлиле во полицијата за интересите на исламистичкиот клерик Фетула Ѓулен кој од 1999 година живее во доброволен егзил во САД, а кого Анкара го обвинува за создавање на ткн „паралелна држава“ во безбедносните, правосудните и образовните структури, како и за неуспешниот обид за воен преврат од 15 јули 2016 година.

Со чистките кои се спроведуваат по неуспешниот пуч низ цела Турција се остварува една од најголемите операции последните месеци против осомничените припадници на движењето на имамот Фетула Ѓулен, поренешен близок политички сојузник на актуелниот турски претседател Реџеп Тајип Ердоган.

Министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу изјави дека во ноќната акција цел била мрежата на Ѓулен „којашто се уфрли во нашите полцииски сили, наречена ‘тајни имами’. „Илјада и сто и дваесет тајни имами се приведени досега во 72 покраини, а операцијата продолжува“, порача Сојлу пред новинарите во Анкара.

Уште 9.103 припадници на полициските сили се суспендирани во средата, беше соопштено од командата на турската полиција во Анкара во објава на нејзината интернет страница. Како што е наведено, причината за тоа е нивната поврзаност со мрежата на Ѓулен, или како што турските власти ја означуваат терористичка организација FETO.

По неуспешниот обид за пуч на фракција во турската армија минатото лето, властите уапсија околу 40.000 луѓе и отпуштиле или суспендирале 120.000 луѓе во повеќе професии, меѓу кои војници и офицери, полицајци, образовен кадар од сите нивоа, службеници и високи функционери во правосудството, осомничени за припадност на терористички групи.