Турција тврди дека се уште не добила пари од ЕУ за мигрантите

Турција не добила никави пари од Европската унија за сириските бегалци кои живеат во земјата, согласно договорот кој беше направен во март, а со кој Анкара се согласи да се ангажира да го сопре миграцискиот тек кон Европа, јави ДПА, повикувајќи се на изјава на портпаролот на турскиот претседател.

– Се уште не сме добиле никакви пари, изјави Ибрахим Калон, портпаролот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Калон истакна дека за бегалската програма биле предвидени 120 милиони евра, но дека досега ништо не е исплатено.

Според ОН во Турција има повеќе од 2,2 милиони сириски бегалци.

Како што вели Калон, турската Влада потрошила за тие луѓе повеќе од 10 милијарди долари, откако во 2011 година во Сирија избувна граѓанска војна.

Договорот меѓу Турција и ЕУ предвидува Унијата да обезбеди првично три милијарди евра, кои подоцна може да бидат удвоени.

Освен тоа Турција се надева дека ќе и биде одобрена визна либерализација за турските државјани при патување во земјите во ЕУ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.