Турција затвори неколку гранични премини во Сирија

Турција затвори некои гранични премини со Сирија, откако од петокот повеќе од 70.000 курдски бегалци влегоа на турска територија, објави МИА.

Повеќето бегалци се од сирискиот град Ајн ел Араб, од каде населението бега поради страв дека џихадистите на Исламска држава (ИД) ќе извршат масакр.

Џихадистите се приближиле до овој град, кој е главно населен со Курди, откако во претходните денови зазедоа десетици села во подрачјето околу Ајн ел Араб.

Протести за солидарност на Курдите започнаа вчера од турската страна на границата.

Турција прими над 847.000 бегалци од почетокот на бунтот против сирискиот претседател Башар ал Асад пред три години.