Туристичка прошетка со електромобил за 50 денари

Возењето со електромобил по скопските улици ќе чини 50 денари за половина час. Ценовникот вчера беше усвоен од Советот на Скопје, но граѓаните ќе мора да почекаат тие да бидат официјално промовирани од Јавното претпријатие „Градски паркинг“.

Петте електромобили, кои ќе служат за туристички прошетки, веќе се пристигнати. Договорот за нивна набавка „Градски паркинг“ го склучи со фирмата „Хипнел“, а едно возило чини 11.420 евра.
Возилата ќе имаат обучен возач, кој во исто време ќе биде и туристички водич.

Почетна и крајна станица ќе биде Портата „Македонија“. Планирано е оттаму возилото да се движи по улица Македонија до Стара железничка станица, па назад преку Камени мост да направи обиколка на градбите од таа страна на кејот. Од таму екомобилот преку мостото „Око“ ќе се враќа кај Портата. Возилата ќе сообраќаат секојдневно од 10 до 19 час. Со оглед на тоа дека возилата се отворени, односно кабрио, ќе се користат ограничен период во годината.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.