Туристите во Преспа следната сезона ќе одмораат на нови атрактивни плажи

Следната седмица ќе отпочнат активностите за уредување на вкупно 600 метри плажи на Преспанското Езеро. Предвидено е во рок од 4 месеци да биде завршено уредувањето на плажите, со што истите ќе бидат подготвени за пречек на првите туристи во текот на следната туристичка сезона, соопштија од Министерството за транспорт и врски.

Проектите според кои ќе се уредуваат плажите Сливница и Стење во општина Ресен ќе се изведуваат според проекти за уредување кои се во сосгласност со највисоките туристички стандарди со цел да станат атратктивни туристички локации во текот на туристичката сезона.

Slivnica 3

Теренот на кој ќе бидат уредувани плажите ќе биде нивелиран со песок, а функционално планираниот простор за плажа е решен како единствена целина со содржини од услужен  карактер, а за таа цел на плажата се предвидуваат шанкови со кабина за музика, санитарен јазол; простор за чување и користење на урбана опрема како што се лежалки, чадори; соблекувални; чешми и тушеви; игралишта за деца; игралишта за одбојка, мал фудбал и тенис; простор за спасувач; часовник; бежичен интернет;информативно пано; платформа за сончање над езерската површина, како и платформа за пловни објекти и издавање на педалинки и сл, стои понатаму во соопштенито од Министерството.

Плажите ќе бидат лесно пристапни за лица од сите возрасти, како и инвалидизирани лица, без скали и висински разлики на различно обработените соодветно функционално наменети површини.

Предвиден е и посебно партерно уреден простор, со ниско и високо зеленило, клупи, фонтани, корпи за отпадоци и друга урбана опрема, кој треба да пружи дополнителен комфор на плажите.

Stenje 1

Во езерото ќе бидат поставени пластични бови како ограничување на делот безбеден за пливачите, на 50.00м растојание од брегот. Особено внимание ќе се посвети на тоа да не биде нарушен еко-интегритетот на околината, односно флората и фауната во непосредната близина на плажите, истакнато е во соопштението.

Во меѓувреме е објавен е и конкурс за избор на идејно решение за уредување на 500 метри плажа на дел од Охридско Езеро во општина Дебарца. Рокот за поднесување на идејните решенија е 15.08.2014 година до 11:00 часот.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.