Туризмот расте, државата го шири опфатот на субвенциите

Владата го шири опфатот на субвенциите за странски гости. Од годинава се поддржува носењето туристи од Кина и Индија, а од следната и за уште шест држави. Во последните пет години туризмот бележи просечен раст од 10 отсто, пишува Алфа ТВ.

Новите цели кои ќе треба да ги освојат домашните туристички агенции се САД, Германија, Катар, Обединетото Кралство, Казахстан и Азербејџан. Носењето гости од овие земји ќе се субвенционира од следната годин, а ќе продолжи и досегашната поддршка за скандинавските, за државите од Бенелукс и од Далечниот Исток.

За да добијат државна помош, туроператорите ќе мора да организираат аранжмани со најмалку три ноќевања и појадок.

„Ова е добра можност нашите туристички компании веќе да се поврзуваат, да размислуваат за соработка со туристички агенции од овие земји за да може да се обезбедат нови туристи и да се оствари двојна корист – самите агенции да ја зголемат својата профитабилност, а од друга страна и општата економија да има корист преку поголемиот број на туристи, а со тоа и преку зголемениот девизен прилив“, изјави Александар Ѓорѓиев, портпарол на Владата за Алфа.

Статистиката мери раст на туризмот. Според најновите податоци на државниот завод, во мај во однос на истиот месец лани бројот на странски гости бил поголем за 13 отсто, а бројот на ноќевања за 14.3 отсто.