Турска фирма им продавала неисправни елеци на бегалците

Турска фирма им продавала неисправни елеци на бегалците
Турска фирма им продавала неисправни елеци на бегалците
Една турска компанија е фатена во обид на бегалците да им продаде неисправни елеци за спасување, направени од материјал што станува потежок кога ќе се натопи и придонесува за нивно побрзо потонување.

Турската полиција упаднала во работилница во Измир – пристаништен град што често пати е појдовна точка за мигрантите во надеж дека ќе дојдат до Европа – и затекнале работници како елеците ги полнат со материјали за амбалажа место со соддржина која плута, јави Би-Би-Си.

Полицијата запленила 1.200 елеци, меѓу работниците биле и две млади Сиријки.

Сиријците често пати се собираат во Измир барајќи начин да стигнат до брод со кој би биле прошверцувани во Европа. За да заработат пари за брод тие бараат работа, храна и засолниште, каде што ќе најдат.

Мигрантите сами мора да обезбедат прслук за патувањето по море, а правилно направените елеци чинат до 150 долари, наведува Би-Би-Си. Лошите прслуци можат да чинат и 15 долари, но тие речиси и да не плутаат. Без разлика на тоа многумина очајни мигранти и натаму ги купуваат.

Овие елеци често пати се црни и слабо воочиливи на отворено море.

Полицијата во Измир во четвртокот од сириските мигранти заплени околу 300 лоши прслуци кои веќе ги имале купено, наведува турскиот весник „Хуриет“.

Саит Гудероглу, еден од најголемите производители на вакви елеци во Турција, изјави дека овие лажни елеци за спасување можат да го загрозат оној кој го носи дури и повеќе отколку воопшто да го нема.

-Таквите елеци за спасување се направени од материјал за ранци и исполнети се со сунѓер, а бидејќи сунѓерот апсорбира вода, прслуците луѓето ги влечат надолу и можат да предизвикаат нивно давење, рече тој.