Турска и италијанска фирма заинтересирани за гасификација на Скопје

Фирмите „Аксо енерџи” од Турција и „ЦПЛ Kонкордија” од Италија се единствените компании кои се јавиле на тендерот за гасификација на Скопје, што ги исполнуваат условите.

Проектот за гасификација на Скопје предвидува да се реализира преку јавно-приватно партнерство со државата.

„Аксо енерџи“ е најголем приватен дистрибутер на природен гас во Турција со повеќе од половина милион корисници. Оваа компанија е и дистрибутер и производител на електрична енергија.

„ЦПЛ Kонкордија“ е мултинационална групација која има 1.600 вработени и околу 80 компании и претставништва. Оваа компанија годишно дистрибуира 45 милиони кубни метри природен и течен гас во 135 града и општини, односно има 185.000 корисници.
Изборот на приватниот партнер треба да заврши во септември.

Компанијата што ќе победи на тендерот ќе треба да ги изгради 250 километри примарната и секундарната дистрибутивна мрежа на природен гас, да инвестира во поставување приклучоци до сите крајни потрошувачи, односно јавни институции, вклучувајќи ја и опремата за мерење и регулација, да врши дистрибуција на природен гас, да управува со системот за дистрибуција, да се грижи за одржување и развој на системот и да инвестира во адаптација, односно набавка на опрема за производство на топлинска енергија кај постојните објекти. Оваа инвестиција ќе чини околу 100 милиони евра.

Концесионерот ќе може да стопанисува со мрежата 20 години, а потоа таа ќе ремне во државна сопственост.

Компанијата што ќе победи на тендерот ќе биде задолжена да овозможи секој заинтересиран корисник да плати приклучна такса од 1,25 евра по метар квадратен станбен простор.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.