Турската опозиција повика за поништување на вчерашниот референдум

Главната опозициска партија во Турција, Народно-републиканската партија ја повика Врховната изборна конисија да го поништи вчерашниот референдум за уставни измени.

Заменик-претседателот на партијата, Булент Тезџан посочи повеќе нерегуларности за време на вчерашниот референдум и изјави дека единствен начин да се стави крај на дискусиите за легитимноста на гласањето и да се смират граѓаните е Комисијата да го поништи гласањето.

Партијата соопшти дека ќе ги оспори резултатите од референдумот, на кој според првичните резултати нешто над 51 отсто гласале за измени на Уставот.

Тезџан денеска во Анкара изјави дека првичното пребројување се извршувало тајно во неколку полициски станици.

Тој додаде дека на набљудувачите не им било дозволено да ја набљудуваат процедурата во период од најмалку еден час, додека партијата не поднела жалба.

Тезџан изјави и дека решението без преседан на Комисијата да ги прифати како важечки ливчињата, кои немаат официјален печат, е донесено по жалба на официјален претставник на владејачката партија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.