Турската опозиција протестираше против селењето на Ердоган во новата палата

Членовите на главната опозициска Народнорепубликанска партија во Турција (НРП) протестираа денеска во Анкара против селењето на претседателот Реџеп Таип Ердоган во новата претседателска палата.

Демонстрантите нагласуваат дека новата резиденција на претседателот е илегално изградена. Зградата се наоѓа во шумата Ататурк, која претставува заштитена природна област. Административниот суд во Анкара нареди запирање на изградабта на комплексот, но одлуката не беше извршена.

Членовите на НРП се собраа денеска пред комплексот Ататурк и издигнаа транспаренти со пароли против Владата.

Заменик-претседателот на НРП Булент Теџан, кој беше меѓу учесниците во протестот истакна дека новата резиденција е изградена и покрај судската одлука за прекин на изградбата.

Демонстрантите планираа да организираат протестен марш до претседателската палата, но полицијата не дозволи тој да се одржи, при што дојде до судири.