Tурската полиција со акции против ќелии на ИД во Истанбул и Измир

Турската полиција денеска уапси 13 осомничени џихадисти, во рамки на одвоени акции против ќелии на групата Исламска држава (ИД) во градовите Истанбул и Измир, јави агенцијата Анадолија.

Акциите следуваат по завчерашниот терористички напад на истанбулскиот аеродром „Ататаурк“, при кој загинаа 42 лица, а над 230 беа ранети.

Според извори во турската полиција, припадници на полициските антитерористички единици и на специјалните сили извршиле претреси на 16 локации во истанбулските населби Пендик, Башакшехир и Султанбејли и во три реони во Измир.

Приведените лица се осомничени за врски ИД во Сирија. Тие се обвинети за обезбедување финансиски средства и логистика за ИД и за регрутирање џихадистички борци.

Според турските медиуми, тројца од приведените осомничени џихадисти се странски државјани.

Турската полиција верува дека еден од тројцата бомбаши-самоубијци што го изврши нападот на аеродромот „Ататурк“ е странец.

– Разгледуваме можност дека се вклучени и странци. Можно е барем еден од нив да е странец, но истрагата е се уште во тек, изјави неименуван извор од турските безбеднсни сили.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.