Турската полиција откри фабрика за изработка на лажни елеци за спасување

Турската полиција откри фабрика за производство на лажни елеци за спасување наменети за бегалците кои се обидуваат преку Егејското Море да стасаат до Грција.

Како што јавува британски „Индепендент“ турската полиција пронашла 1.263 елеци за спасување во магацин во Измир, кои биле пополнети со неводоотпорни материјали. Во работилницата имало четворица вработени, меѓу кои и две сириски деца.

Ова откритие следува откако во текот на изминатата недела над 34 тела испливаа на брегот на Грција, а голем дел од нив носеле елеци за спасување. Меѓу жртвите има и неколку деца.

Вистинските елеци за спасување чинат околу 100 фунти, но лажните можат да се најдат и за десет пати пониска цена, односно за околу 10 фунти.