Турската полиција приведе 120 директори

Турската полиција изведе истовремени претреси во 44 компании во Истанбул, со налози за апсење на 120 директори во рамки на истрагата за минатомесечниот обид за пуч, јави државната агенција Анадолија.

Агенцијата наведува дека фирмите се обвинети за финансирање на движењето на муслиманскиот проповедник Фетула Ѓулен, кој живее во САД и е обвинет за организација на пучот од 15 јули.

Ѓулен ги отфрли обвинувањата.

Ниту една од осомничените компании не е именувана.

Полицијата почнала да ги пребарува фирмите во истанбулските квартови Ускудар и Умранизе, вклучувајќи ги и зградите што му припаѓаат на неименуван холдинг, пренесува агенцијата.

По неуспешниот пуч, притворени се повеќе од 35.000 лица, од кои 17.000 се официјално уапсени, а десетина илјади се суспендирани во рамки на чистките во војската, полицијата, образовниот и правосудниот сектор.