Турската полиција заплени куршуми шверцувани од Бугарија

Турската полиција на преминот „Капикуле“ на бугарско-турската граница во автомобил со бугарски регистарски таблички заплени 1.510 куршуми со различен кјалибар, при обид за нивно прошверцување од Бугарија во Турција.

Како што јави БТА, полицијата во возилото открила 1.260 куршуми за автомати од типот „Калашников“, 250 куршуми за пушки и 150 куршуми за пиштоли.

Според турската полиција, вредноста на запленетите куршуми е проценета на околу 18.000 турски лири (6.400 евра).

Возачот на автомобилот е приведен и против него е поведена истрага со цел да се утврди дали е поврзан со некоја терористичка организација.