Турски државјанин сакал да поткупи полицаец

Регионалниот центар Југ поднесе кривична пријава против О.Е.(40)државјанин на Република Турција поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „давање поткуп”, за што од страна на судија на претходна постапка му е одредена мерка притвор во траење од осум дена.

Како што соопштуваат од МВР на 07.12.2014 година во 04:10 часот на Автопатот Е 75 на релација Гевгелија-Скопје пријавениот запрел со возилото марка „Мерцедес” со полски регистарски ознаки при што бил контролиран од страна на полициски службеници од Мобилна единица за спречување на прекуграничен криминал.

При прегледот му биле пронајдени фалсификувани бугарска лична карта и возачка дозвола со фотографија на пријавениот, а издадени на друго име поради што истиот на службеното лице му дал 1.000 евра  да не изврши службено дејствие, односно да не го приведе во Полициска станица и му овозможи да продолжи кон Скопје.